Познатата британска глумица Џуди Денч, позната меѓу другото и по нејзината улога како М, шефицата на „М16“ во серијалот филмови за Џејмс Бонд, не планира наскоро да се пензионира, вели таа за британските медиуми.

- Мислам... Не можам веќе да гледам на филмскиот сет. Не можам ниту да читам. Но, некако се справувам со тоа. Тешко ми е ако имам долг текст, но имам многу пријатели кои ми помагаат да го научам сценариото. За среќа, имам и одлично помнење, открива глумицата за „Ноутбук“.

На глумицата ѝ беше дијагностицирана макуларна дегенерација поврзана со возраста уште во 2012 година. Пред неколку години, таа беше принудена да престане и да вози поради тоа. Но, Денч, која се движи кон крајот од деветтото десетлетие од својот живот, вели дека сака „да работи колку што може“ и покрај оштетувањето на видот

- Тоа беше страшен шок. Страшно. Страшно е да се биде толку зависен од луѓето, изјави таа.

И покрај сите предизвици, Денч има освоено повеќе награди „БАФТА“, „Оскар“ за улогата на кралицата Елизабета Прва во „Вљубениот Шекспир“, една театарска „Тони“ награда и рекордни осум „Оливие“ признанија.

Некој би рекол дека одлучноста тече во нејзината крв. Имено, според нејзините кажувања, татко ѝ Реџиналд Артур Денч, лекар, бил двапати одликуван за заслуги како учесник во Првата светска војна. Според наводите, тој организирал мисија за уфрлање зад непријателските линии за да се добијат информации за непријателот, како и за спасување луѓе.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/08/2023 15:15