Во името на членовите на Социјалистичката партија на Македонија и во свое име до Македонците и до македонските граѓани упатувам искрени честитки за 120 годишнината од илинденската Крушевска Република и 79 годишнината од Првото заседание на АСНОМ.
Како што првиот Илинден од 1903 година го претставува најсилниот пламен на слободарството на македонскиот народ и значајниот чекор во создавањето на самостојната македонска Република, така подоцна на вториот Илинден во 1944 година и вистински е втемелена на АСНОМ.
Илинден е кодот длабоко врежан во свеста на македонсиот народ, најголемиот македонски национален празник со неосмнено значење за македонската историја како трајно потсетување на историската борба и стремежот на македонскиот народ за слобода и самостојна држава.
На овој велик ден ние сме должни да им изразиме достојна почит и благодарност на сите кои со своето дело, достигнувања и живот трајно се вградиле во овој чин, благодарност кон сите нив затоа што денес живееме во современа, независна македонска држава, но и поттик за продложување на изградбата во духот на современите текови и демократски вредности кон кои се стремиме да ги достигнеме.
Ние, македонските социјалисти сме горди на своето минато и на историскиот континуитет, како и на нашите претходници кои учествувале во остварување на идејата за македонската државност и во создавањето на државата, како во Илинденската епопеја, така и преку водењето на Народно Ослободителниот Фронт во големата антифашистичка победа на македонскиот народ, во поствоената макотрпна изградба на македонската држава и конечно во создавањето на независна и суверена Република Македонија.
Денес нашата Татковина повторно е нападната со неразумни и неприфатливи барања. Денес се посега по нашиот македонски идентитет, ни се одзема правото на македонскиот јазик, ни се негира нашето минато и нашата култура. И во сето тоа, со својата понизност и непромисленост, учествува и македонското раководство на штета на интересите на македонскиот народ и на македонската држава. Одродената власт која не е подготвена да го носи товарот на историјата и величината на нашето име застана против сопствениот македонски народ.
Затоа, вековниот второавгустовски илинденски ден на собир на народот повикува на семакедонско народно обединување за одбрана на државата Македонија, на идентитетот на македонскиот народ, на македонскиот јазик и македонската голема историја. И покрај разликите меѓу нас Македонците никогаш не смее да се заборави дека меѓу себе не сме непријатели, затоа што само Македонија е нашиот единствен заеднички именител и содржател. Доколку неа ја загубиме, и нас ќе не снема.
За нас Македонците Македонија не е само географија, туку таа е и етнологија и филозофија, идеологија и вера, култура и историја.
Државата Македонија е идентитетот на нацијата.
Македонија е таа која ни наложува да се обединиме и да се сплотиме за да се одбраниме самите, да ја сочуваме државата и нацијата, да се обединиме за да ставиме крај на однародената тиранија и да ја вратиме нашата македонска слобода.
Честит да ни е Илинден, за многу лета да ни е празникот и напомош да ни е Свети Пророк Илија!
Претседател на СПМ, Љупчо Димовски