Срамот и предавствата кои и ги направија на државата изминатите години власта на ДУИ и СДС нема да ги покријат со замајување на јавноста со некакви документи кои си ги пишуваат во штабот на ДУИ, а ги испраќаат преку прес службата на СДС.

ДУИ и СДС преку таканаречениот манифест уште еднаш признаа дека изминатите месеци ништо не направија за зачувување и остварување на стратешките интереси на Македонија.

Седнале и напишале две страни, смислиле име, го нарекле Манифест и преку соопштение без никакви консултации, како да се работи за најнебитната работа во државава го испраќаат до медиумите, повикувајќи ги сите чинители да го прифатат.

Со овој потег Османи, Маричиќ и Груби, доколку бил консултиран и Ковачевски, само докажуваат дека немаат никаков капацитет за градење консензус за највисоките државни интереси.

Исто како пред година ипол кога власта сама си договараше и преговараше протоколи со источниот сосед, без никаква консултација со опозијата, сега повторно сами си пишуваат документи и повикуваат на консензус.

ВМРО-ДПМНЕ го нема добиено таканаречениот манифест, и откако ќе го добие тој документ, доколку има нешто суштинско за разгледување, органите на партијата ќе го разгледаат и ќе се изјаснат.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/08/2023 18:27