Убиството на познатиот американски рапер Тупак Шакур, речиси 30 години беше нерешлива мистерија. Сепак, се чини, виновникот на крајот самиот го разоткри злосторството.
Тупак беше убиен во 1996 година, на улица, во пукање од еден автомобил во друг. Како и она врз друг познат рапер од тоа време - Ноториус БИГ, и ова убиство остана нерешено, што остави простор за бројни теории на заговор. Фактите всушност говорат дека се работело за улична пресметка на тамошните „раперски банди“. И Тупак, впрочем, често имал проблеми со законот, но и судири со своите соперници на њујоршките улици и гангстерскиот „источен брег“.
Истрагата беше запрена одамна, но во 2018 година, Дуејн Дејвис - вујкото на Орландо Андерсон, главниот осомничен, во документарниот филм „Нерешено“ (Unsolved) изјави дека тој бил во автомобилот од каде што бил застрелан Тупак. Со тоа, на некој начин Дејвис ги потврди недокажливите гласини од претходно. Андерсон, кој наводно пукал, бил убиен, во 1998 година - две години по убиството на Тупак, во друга гангстерска пресметка.
Според тврдењата на Дејвис, раперот Паф Деди (Шон Комбс) понудил милион долари за убиството на Тупак.
Дејвис веројатно мислел дека по толку години никому нема да му биде грижа и ќе може „да се пофали“ со потфатот, заради заработка. Но, погреши. Речиси 27 години по убиството, полицијата влезе во куќата на Дејвис со налог за претрес, па однесоа торби со докази - мобилен телефон, лаптопи, книга напишана од Дејвис, списанија и две кутии со фотографии. Дејвис е в затвор и судењето е во тек, но според познавачите и американските медиуми, доказите се прилично солидни.