Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата на пленарната собраниска седница во петок посветена на уставните измени ќе ги повтори аргументите кои ги имаме, како што направивме на Комисијата за уставни прашања, и останува на континуираниот став дека измени на Уставот во ваков формат под бугарски диктат не се можни и нема да поддржиме, најави денеска координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата Никола Мицевски.

Како што рече Мицески, уште на гласањето на дневниот ред ќе се види дали власта има мнозинство за донесување на уставните измени или не и ќе се согледа дали една година манипулираат со бројката за цензусот и за оние кои даваат поддршка на уставните измени.

-Пратеничката група останува на континуираниот став дека измени на Уставот во ваков формат под бугарски диктат не се можни и нема да поддржиме. Нашиот став е кажан и на Комисијата за уставни измени каде аргументирано кажавме дека власта турка процес кој не е поддржан од граѓаните. Истото ќе го повториме и на пленарната седница, рече Мицевски на прес-конференција по редовната координација на Коалицијата во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ пред претстојната собраниската седница.

Оцени дека пленарната седница ќе биде добра можност целокупната јавност да се увери дека власта, како што рече, лаже една цела година, манипулира и сее магла околу уставните измени и дека не се ни блиску до уставни измени.

-Тоа се случува секогаш кога народот ќе се потцени и кога личните интереси ќе ги стават пред тие на државата, рече Мицевски и додаде дека власта цела година купуваше време и сега станува жртва на сопствените лаги.

Прашан дали ќе дебатираат на седницата, Мицевски рече дека аргументирано ќе објаснат исто како и на Комисијата за уставни прашања и додаде дека до него како координатор досега нема никакви притисоци, но има поддршка од граѓаните кои од него бараат да истраат во намерите.

Изрази надеж дека точката на дневен ред ќе биде ставена на гласање за целокупната јавност да види дека нема доволно мнозинство за усвојување на уставните измени.

Собранието за в петок има закажано седница на која единствена точка на дневен ред е усвојување на уставни измени и вметнување на Бугарите и други пет етнички групи во Уставот на државата. Токму вметнувањето на Бугарите во Уставот е потребно за земјава да ги продолжи европските интеграции и да се одржи втората меѓувладина седница и да продолжат пристапните преговори со ЕУ.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/08/2023 23:27