Ние ќе гласиме по сопствено уверување. Крајно време е да покажеме дека сме пристојна европска држава, која сака на патот кон ЕУ да оди исто како сите сегашни членки на ЕУ, но и кандидатите зад нас. Не смее да има посебни критериуми и преседани за нас, оти тоа ќе се одрази и на следните кандидати, истакна пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова, за време на собраниската седница на која единствена точка на дневен ред е Предлогот за пристапување кон измена на Уставот со кој се предвидува вметнување на Бугарите и на уште пет етнички заедници во Преамбулата на Уставот.

Според Силјановска Давкова, овој предлог не треба да се поддржи, туку треба да се прашаат граѓаните на избори. Таа потенцираше дека оваа власт е целосно делигитимирана. Не смее, како што вели, патот за Брисел да води преку Софија.

Според неа, никогаш и никаде Преамбулата не била гаранција или место за промоција за етнички идентитети, туку таа е филозофија на Уставот.

- Што велат граѓаните, каде го добивме мандатот за оваа измена? Дали го истакнавте тоа на претходните избори? Членот 2 став 2 од Уставот вели дека суверенитетот извира и им припаѓа на граѓаните, не треба ли да ги прашаме граѓаните дали се за ваква измена. Вие од Владата ги прифативте уставните измени и се согласивте да влезете во Преговарачката рамка преку протоколот, ама заборавивте дека не сте законодавен орган и дека не можете да преземате обврски наместо Собранието, рече Силјановска Давкова.

Според неа, она што се бара од нас е спротивно на европските вредности.

-Не сме против ЕУ, не сме против Бугарија, меѓутоа членот 8 од Лисабонскиот договор повикува на реципроцитет во меѓународните договори. Бугарија е потписник и ја ратификуваше Рамковната конвенција за заштита на правата на малцинствата. Бугарија има Совет за малцинства, а таму ги нема Македонците, рече Силјановска Давкова.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/08/2023 18:05