Компанијата „Мета платформи“ којашто е поврзана со „Фејсбук“, објави нова алатка со вештачка интелигенција за превод и транскрипција на говор на десетици јазици. Тоа е потенцијална основа за алатки за комуникација во реално време, што ќе ги премостува јазичните бариери.
Се работи за „Симлес-М4Т“ (SeamlessM4T) којшто засега поддржува преводи на текст и говор на речиси 100 јазици, како и целосен превод од говор во говор за 35 јазици, комбинирајќи ја технологијата што претходно беше достапна само во посебни модели. Извршниот директор на „Мета“, Марк Цукерберг, рече дека има визија за алатки кои ги олеснуваат интеракциите меѓу корисниците од цел свет во тн. „метаверзум“. Инаку, компанијата го најави својот модел како достапен на јавноста за некомерцијална употреба.
Најголемата светска компанија за социјални медиуми објави голем број модели, главно бесплатни, со ВИ оваа година. Меѓу нив е и јазичниот модел наречен „ЛЛаМА“ ('LLaMA' - Large Language Model Meta AI), дизајниран за помош при истражувањето на ВИ.
Во јули, стенд-ап комичарката Сара Силверман и уште двајца автори поднесоа тужби за прекршување на авторските права против „Мета“ и „Опен-АИ“, обвинувајќи ги за неовластена употреба на нивната содржина за вештачката интелигенција и учењето јазици.
Говорејќи за „Симлес-М4Т“, истражувачите на „Мета“ тврдат во нивниот истражувачки труд, дека собрале податоци за аудио-инструкции од четири милиони часа „сурово аудио коешто потекнува од јавно достапна содржина на интернет“. Претставникот на компанијата не одговори на прашањата за потеклото на аудиоподатоците.
Во истражувачкиот труд на „Мета“ се вели и дека текстуалните податоци потекнуваат од информации создадени минатата година, како што се содржини извлечени од Википедија и слични интернет-страници.