Вкупно 19 големи онлајн платформите и пребарувачи од утре ќе мора да се усогласат со новите правила за интерент содржини на ЕУ, затоа што стапува во сила Законот за дигитални услуги, усвоен во 2022 година, кој има за цел да ги сузбие „нелегалните и штетни дигитални содржини“.

Новите правила се однесуваат на социјални мрежи се Фејсбук, Инстаграм, ТикТок, Икс (поранешен Твитер), Јутјуб, Снепчет, Линкедин и Пинтерест, но и на Амазон, Букинг, АлиЕкспрес, Заландо, Гугл Шопинг, Гугл Срч, Гугл Мапс, Бинг, Википедија, како и на онлајн продавниците за апликации на Гугл и Епл. Станува збор за интернет платформи, кои според статитичките податоци, месечно ги посетуваат над 45 милиони Европејци.

Согласно новите правила, како што јави специјалниот известувач на МИА од Брисел, социјалните мрежи и платформите ќе мора веднаш да ги отстранат содржините кои со европските и националните законодавства на членките на ЕУ се оквалификувани како „нелегални“, на пример фотографии од сексуална злоупотреба на деца, а ќе можат и да ги блокираат корисниците кои често објавуваат нелегални содржини. Дополнително, онлајн продавниците ќе треба да „направат најдобри напори“ за да спречат продажба на фалсификувани луксузни марки и опасни играчки за деца.

Компаниите ќе мора да проценат и да предложат конкретни мерки за „справување со можните ризици што платформите ги претставуваат за општеството“, меѓу кои и ширењето дезинформации и онлајн малтретирање. Социјални медиуми и пребарувачите ќе мора да ги приспособат своите услуги за да спречат ширењето на лажни вести во случаи на елементарни непогоди, војни или пандемии.

За таа цел тие ќе треба до Комисијата да достават детален годишен извештај за т.н. „системски ризици што ги претставуваат за Европејците“, како и да преземат мерки за ограничување на идентификуваните ризици, преку прилагодување на нивните алгоритми, создавање алатки што ќе им овозможат на родителите да контролираат што гледаат нивните деца, воведување инструменти за потврдување на возраста на корисниците, како и јасно назначување на содржините, како фотографии или видеа, генерирани од алатки за вештачка интелигенција.

Во случај на блокада или суспензија на корисник или отстранување на некоја негова содржина, социјалните мрежи ќе мора му ги образложат причините за таквата одлука, при што корисниците ќе имаат право да ги оспоруваат одлуките на платформите преку вонсудски тела, а во крајна инстанца и на суд.

Дополнително на платформите ќе им биде забрането да таргетираат луѓе со онлајн реклами засновани на нивните лични податоци, како верска припадност, сексуални преференци, здравствени информации и политички убедувања, како и да собираат лични податоци на деца и тинејџери.

Онлајн компаниите ќе мора да бидат потранспарентни за начинот на нивното функционирање, преку објавање на своите и ревизорските извештаи за проценка на нивните ризици по општеството, вклучително и за закани за слободата на говорот, јавното здравје и изборните процеси, а регулаторните тела ќе имаат право на пристап до податоците и алгоритмите на компаниите и до нивните деловни документи.

Со Законот, за непочитување на утврдените правила, Европската комисија ќе може да изрекува казни во висина до 6 отсто од годишниот глобален приход на компанијата, но ќе може и времено да ја забрани работата на одредена социјална мрежа, платформа или пребаравач во блокот во случаи на „сериозна неусогласеност“. Големите онлајн платформи и пребарувачи, исто така, ќе мора да плаќаат и такса во износ од 0,05 отсто од нивните глобални приходи за финансирање на извршната работа на Комисијата.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/08/2023 19:06