Откако објави дека преку интернет-пребарувач ќе може да се пристапи до новата социјална мрежа „Тредс“, компанијата „Мета“ го исполни ветувањето. Шефот на „Инстаграм“ Адам Мосери потврди дека веб-верзијата сега е достапна за сите корисници на персонален компјутер.

Досега можеше рачно да се пристапи до профилот на одреден корисник преку прелистувач, но не беше можно да се разгледуваат профили, да се поставуваат објави, одговори, па дури ни да се најавува на свој профил. По популарноста на самиот почеток, апликацијата „Тредс“ бележи значителен пад, а многумина сметаат дека причината за тоа е токму немањето веб-верзија.

Извршниот директор на „Мета“, Марк Цукерберг и првиот човек на „Инстаграм“ тогаш ветија скоро пуштање на веб-верзијата.

Сега, според познавачите, ќе може поубаво да се види колку функции недостасуваат. Корисниците се жалеа, на пр., на недостаток на пребарувач за содржини со клучни зборови и надворешни содржини на „Инстаграм“ и „Х“.

Сепак, она што веројатно ќе недостасува се директните пораки. Мосери рече дека не сака да додаде „уште едно сандаче за пораки“ во животот на корисникот, но постои можност за интегрирање на директните пораки на „Инстаграм“ во „Тредс“. Тој рече оти се работи и на функциите за уредување.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/08/2023 16:35