ВМРО-ДПМНЕ е партија која е сигурна дека на следните избори ќе има мнозинство и ќе има мандат да ја формира владата. Имаме желба да соработуваме со опозиционите партии, затоа што смена на власта значи смена на целата власт, не само на еден дел. Но, исто така ќе побараме од сите политички партии и пратеници согласно Уставот да си потпишат изјава и да дадат заклетва дека го почитуваат Уставот на Македонија и нејзиниот територијален интегритет, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски за „Тема на денот“ во Дневникот на Сител.
Милошоски нагласи дека самата бројка што ќе ја добие ВМРО-ДПМНЕ на изборите ќе биде доволно убедлива за сите коалициони партнери да се фокусираат на програмата.
- Најголемиот партнер на ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат граѓаните на следните избори. Сметам дека голем дел од граѓаните без разлика на етничка припадност, станаа свесни дека животниот стандард и квалитетот на живот изминативе 6 години со власта на СДС и ДУИ опаѓа, рече тој.
Милошоски посочи дека со оваа власт ефективноста на институциите е драматично намален и дека до пред 7-8 месеци сметавме дека Зоран Заев е најлошиот можен премиер, но Ковачевски му е сериозна конкуренција, прави посериозни грешки.
- Македонската влада која ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ ќе биде репрезентативна во секоја смисла, ќе го претставува најголемиот дел од народот и сите кои ќе добијат легитимитет. Кадровскиот состав на владата ќе биде со луѓе кои имаат спремност и капацитет да се вклучат во рестартот кој е потребен, изјави Милошоски.