Кинескиот производител на автомобили „БИД“ (BYD) објави тројно зголемување на добивките во првата половина од годинава, зацврстувајќи ја својата позиција како водечка марка на домашниот пазар, и покрај жестоката трка. Во првите шест месеци од 2023 година, нето-заработката на компанијата скокна за 10,95 милијарди јуани (1,39 милијарди евра), се вели во извештајот до Шангајската берза.

За првите три месеци, таа бројка е пет пати поголема од истиот период лани, а од овој април до јуни е повеќе од двојно поголема. Приходите на „БИД“ во првите шест месеци скокнаа за 72,7 отсто, на 260,12 милијарди јуани (33 милијарди евра). Во октомври лани, првпат на најголемиот пазар во светот тие продадоа повеќе автомобили од групацијата Фолксваген. Добрите резултати се проширија до јули годинава кога автокомпанијата испорача рекорден број хибридни модели т.е. 700.244 возила во периодот од април до јуни.

Во првата половина од годината, за споредба, американската „Тесла“ продаде 889.015 автомобили на пазарите ширум светот.

„БИД“ лани се договори и со германската компанија за изнајмување автомобили - „Сикст“ (Sixt) за испорака на околу 100.000 електрични автомобили до 2028 година. Во првата нарачка фирмата од Германија побарала неколку илјади возила, првично понудени на корисници во Германија, Франција, Холандија и Британија. Германската компанија работи во 105 земји во светот, а има огранок и во нашата држава.

Од оваа година „БИД“ продава електромобили и во Јапонија. Побарувачката во Кина се намали во јули, втор месец по ред, како одраз на воздржаноста на потрошувачите во услови на забавување на стопанските активности и намалување на владината помош и олеснувања



Автор: Администратор
Објавено на: 29/08/2023 18:02