Денеска сме тука да ве информираме вас, но и сите домашни и меѓународни институции во нашата земја, дека во последно време власта врши страшен и срамен притисок врз активистите на АлтернАтивА.

Минатата недела на нашиот советник во Општина Тетово, кој е вработен во подрачната единица на Министерството за правда во Тетово, му се јавиле од кабинетот на министерот за Правда и му кажале дека неговото работно место ќе го распоредат во друг град, а ова доаѓа откако тој направи неколку споделувања на реакциите на АлтернАтивА а кои се однесуваа на министерот за здравство, исто така претставник на Алијансата за Албанците во влада. Пред неколку дена бевме во Струга, каде што имаше свечено отворање на новите простории на огранокот на АлтернАтивА во тој град, а следниот ден од Управата за водење на матични книги – Охрид следеше закана дека ќе им се раскине договорот на работниците кои беа на таа свеченост.

Ваквите примери се безбројни. Имаме десетици активисти на АлтернАтивА кои преку оваа форма на принуда официјално преминаа во редовите на Алијанса на Албанците, но продолжуваат да комуницираат со нас, додека уште поголем е бројот на оние на кои веќе им ги раскинале договорите, дури и во случаи кога тој договор им важел до крај на годината.

Освен тоа, психолошкиот притисок кон активистите станува неподнослив. Нема ден нашите активисти да не ни се јавуваат со поплаки дека се под силен притисок, а најголемото изненадување и разочарување е фактот што ова сè повеќе доаѓа од експоненти на Алијансата за Албанците. Таму каде што не поминува понудата со уцена, следи притисокот. Изминативе денови бевме информирани дека продолжува заканата и во форма на „информација“ дека ќе има намалување на образовниот кадар во училиштата, поради намалувањето на бројот на паралелките и дека тоа ќе ги погоди токму тие наставници кои можат да имаат симпатии за АлтернАтивА или да бидат нејзини активисти.

Осудувајќи го овој начин на диференцијација познат само во времето на монизмот, денес сме тука да реагираме и да кажеме дека овие ниски форми на притисок никогаш нема да поминат. За време на комунизмот овие притисоци ги вршеше власта која не зборуваше на албански јазик, но притисокот што се врши на албански јазик е уште пожесток и посрамен.

Како и да е, ние ќе продолжиме да ја следиме ситуацијата, да водиме евиденција и да ги известуваме сите надлежни институции за човековите права, тие кои се грижат за заштитата на работничките права, Народниот правобранител, но и сите меѓународни институции, за да не дозволиме земја која е на патот кон ЕУ, да заврши во диктатура.

Сепак најдобрата вест е дека на оваа власт и се одбројани деновите и дека наскоро доаѓа добрата вест за слободата на секој работник, кој независно од неговите политички и идеолошки убедувања слободно и достоинствено ќе може ја врши својата професија.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/08/2023 16:31