Платформата Х (Твитер) ќе собира биометриски податоци од своите корисници.

Прибирањето биометриски податоци, кои се однесуваат на физичките атрибути на личноста како скенирање на лице или отпечаток од прст, е наменета за корисниците на услугата X Premium, наведува Би-Би-Си.

Повикувајќи се на ажурираната политика за приватност на X, оваа платформа исто така ќе може да собира информации за образованието на корисникот и минати работни места.

„Можеме да ги собираме и користиме вашите лични податоци (како што се вашата историја на вработување, образовна историја, преференции за вработување, вештини и способности, активност и ангажман за барање работа и слично) за да ви препорачаме потенцијални работни места, за да ги споделиме со потенцијалните работодавачи кога аплицирате за работа, да им овозможите на работодавците да најдат потенцијални кандидати и да ви покажат порелевантно рекламирање“, се наведува во соопштението од социјалната мрежа.

Новата политика за приватност стапува во сила на 29 септември.

Професорот Либерти Витерт од Универзитетот Вашингтон во Сент Луис рече дека потегот е во согласност со новата политика на платформата Х, но предупреди дека корисниците „треба да бидат внимателни“.

Работодавците би можеле да донесуваат одлуки за вработување врз основа на кориснички објави или сметки кои лицето ги следи на платформата X, рече Витерт.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/09/2023 11:03