Копаничарството е древна македонска уметност и секоја генерација треба да ја негува, вели во интервју за МИА, Веселин Поповски, претседател на Здружение на копаничари на Македонија со седиште во Битола, кое одбележува 30 години постоење.

Формирани во 1993 година како единствена асоцијација на македонските копаничари, вљубениците во оваа културна дејност преку своите скулптури, резби и копаници, продолжуваат да го прикажуваат минатото, животот на сегашноста и погледите во иднината кои не смеат да бидат неизвесни, посочува Поповски, загрижен од фактот дека недостига подмладок, затоа што е мал интересот на младите за копаничарство.

- Годината на јубилејот ја одбележуваме без финансиска поддршка на планираната програма, без традиционалните колонии кои редовно ги организиравме, откажавме една изложба, а списанието „Копаничар“ за да не згасне ќе го публикуваме со сопствени средства, вели Поповски во интервју за МИА.

Кога почна со работа и на што се темели мисијата на Здружението на копаничари на Македонија?

- Во 1993 година, благодарение на битолските ентузијасти Злате Крстески, Никола Прчков и Никола Гашпарец како основоположници, беше формирано Здружението на копаничари на Македонија, во кое веднаш пристапија охридските копаничари меѓу кои Стевчо Гроздановски, едукатор и меѓународно признат уметник копаничар. Во првите денови по формирањето, членуваа дури 180 копаничари, и тоа беше еуфорија која ни се случи по една голема пауза која во 1967 година беше предизвикана со затворањето на познатата Охридска резбарска школа. Ние знаеме дека корените на македонското копаничарство се многу длабоки, но исто така знаеме дека секоја генерација треба да го негува копаничарството како древна македонска уметност за да не изумре. Делата на копаничарите од Македонија, соврешената уникатност на резбите ги красат сите континенти на планетата отсликувајќи ја македонската култура, и тоа се основите на нашата мисија. Во деновите на формирањето бевме најаактивни, во тоа време низ државата беа изработени многу иконостаси.

Кои иконостаси ги изработиле членовите на Здружението?

Нашите битолски мајстори, слободно ќе речам уметници, изработиле многу иконостаси, на пример во Бигорски манастир, Осоговски манастир, во селото Цапари, во Лесново..., а со посебна гордост во историјатот на здружението е впишан податокот за иконостасот во црквата „Св. Никола“ во Крушево, кој го изработија битолските мајстори. Станува збор за иконостас, идентичен на иконостасот кој бил во таа црква, а кој изгорел за време на Илинденското востание кога во 1903 година беше нападнат градот и изгорен до темел. Иконостасот во црквата пред 120 години го изработиле мијачките мајстори, а новиот, го изработија битолските мајстори копаничари. Во хронологијата на настани кои ќе ги објавиме во списанието „Копаничар“ ќе има прилози и фотографии за успесите на секој наш член, препознатлив во својата средина, но и во странство, како што на пример е Јане Крстески баран уметник мајстор насекаде низ Европа, кој гостувал во повеќе држави и е наш голем репрезент.

Колку членови сега има Здружението на копаничари на Македонија?

За жал денес во здружението има 40 членови, најголем дел се од Битола, а има и од Охрид, Кичево, Прилеп, Скопје, од Блатец имаме солиден копаничар, потоа од Неготино и од други македонски градови. Ние сме отворени за сите што сакаат да членуваат во Здружението, посебно младите за да учат техники, да навлезат во тајните на копаничарството. Потребни се нови членови да ги заменат возрасните и оние кои повеќе не се меѓу нас. Континуитетот е потребен без разлика на финансиските проблеми со кои се соочуваме како Здружение. Крпариме, ама не се откажуваме.

Од кога вие лично се занимавате со копаничарство?

Да се биде копаничар, пред се треба да се има дарба. Копаничарот треба да биде талентиран, да ја сака резбата, да знае дека преку ноќ не се станува мајстор-уметник. Јас на пример како дипломиран машински инженер, сега во пензија, уште во детството ја засакав оваа вештина, го сакав дрвото, од бука правев предмети. Можеби нешто тлеело во мене..Нашето семејство потекнува од Вевчани и има уметнички ген, мојот чичко беше сликар кој се едуцирал во Белград. Љубовта кон копаничарството почна кога ги набавив првите парчиња дрво од орев, изработив нешто со кое многу се восхитував. Ја засакав копаницата. Во мојата работилница има многу дела, иконите се моја специјалност, но има и други предмети на кои се забележуваат мотиви од флора и фауна. Секој копаничар се радува кога луѓето се восхитуваат на неговите изработки. Кај вас, додека се одвива интервјуто во мојата работилница забележав посебен восхит за скулптурата „Тешкото“. Скулптурата „Тешкото“ е изработена од едно парче ореово дрво кое на почетокот тежеше повеќе од 10 килограми. А, сега откако скулптурата е изработена, тежи околу 2,5 килограми. Скулптурата „Тешкото“ ја работев два месеца, а за нејзина изработка имав многу мотиви. Пред се „Тешкото“, како поим за македонштината, потоа за Блаже Конески, а коинциденција е што јас со семејството живееме на улицата „Блаже Конески“. „Тешкото“ ме фасцинира, сум го рецитирал... самата игра, движења, ритам, тапан, зурла, тоа е нешто најубаво за секој Македонец.

Какви копаничарски техники, алат и дрво користите за изработка на скулптури?

На ова поднебје најупотребливо и најплеменито е ореовото дрво бидејќи од него може да се изработат квалитетни копаници. Но, исто така успешно може да се работи на дабово дрво, дрво од круша, липа која е помеко дрво. Сите иконостаси се изработени од ореово дрво. За работа се користат повеќе техники, плитка резба, поткопана, скрозирани резби, ажурна техника. Во Македонија во еден период проблем беше да се набават алати длета кои мора да бидат квалитетни. Сега во светот има можност да се набават квалитетни длета и така го надоместуваме недостигот од сопствено производство. Од копаничарство може да се заработи но не можеш да се збогатиш. Нашите Македонци иселеници се најчести муштерии, но генерално, мотивот не е копаничарството да се комерцијализира.

Како го одбележувате јубилејот 30. години Здружение на копаничари на Македонија?

Годината на јубилејот ја одбележуваме без финансиска поддршка на планираната програма, без традиционалните колонии кои редовно ги организиравме, а списанието „Копаничар“ за да не згасне ќе го публикуваме со сопствени средства. Гостувавме на фестивалот „Илинденски денови“ каде ја одржавме 68. изложба на раритетни, уникатни дела изработени од 18 наши членови кои на јавноста и презентираа 46 дела работени во разни техники. Во битолската „Магаза“ беа изложени копаници со црковни мотиви, мотиви од битолското минато, скулптури...

Следниот месец ќе биде отпечатено специјално издание на „Копаничар“ кое ќе биде посветено на јубилејот и ќе биде исполнето со содржини и фотографии за најважните настани поврзани со работата на здружението во овие 30 години. До крајот на годината очекувам да биде избран нов претседател на Здружението и сите заедно да продолжиме да ја негуваме македонската традиција во резбарството која е уникатна на Балканот и пошироко. Се додека можеме, ние ќе се занимаваме со копаничарство.

Марјан Танушевски



Автор: Администратор
Објавено на: 03/09/2023 16:16