Градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски во објава на својата официјална страна на фејсбук информира дека општина Гази Баба стана дел од проектот "Превенција и спротивставување на насилен екстремизам во Македонија".

Во објавата, Стефковски напиша:

ОПШТИНА ГАЗИ БАБА ДЕЛ ОД ПРОЕКТОТ "ПРЕВЕНЦИЈА И СПРОТИВСТАВУВАЊЕ НА НАСИЛЕН ЕКСТРЕМИЗАМ ВО МАКЕДОНИЈА".

Утрово на покана на здруженијата "Отворена порта" и "Хуманост" заедно со колегите градоначалници од општините Кисела Вода и Куманово потпишавме меморандум за соработка во насока на спроведување на активности со цел превенција на насилниот екстремизам.

Екстремизмот преставува феномен кој по правило е насочен против востановените вредности на едно општество и тој во себе ги содржи елементите кои се претпознатливи за насилниот криминал. Клучен придизвик за нас како локална самоуправа, секако во соработка со надлежните институции е детектирањето, односно раното предупредување и превземањето на чекори за превенција од верски екстремизам.

Сакам да ја истакнам и улогата која ја има Советот за превенција кој функционира во локалната самоуправа. Неговата клучна улога е во превземањето на активности во насока на превенција од секаков вид на насилство.

Гази Баба е општина во која живее население од различни етнички заедници. И токму затоа изминатиот период како одговорна локална самоуправа се насочивме кон реализација на голем број активности чија цел беше запознавање на различностите помеѓу младите луѓе во општината. Реализацијата на едукативни активности помеѓу учениците македонци, албанци, роми, турци и сите останати мора да биде наш секојдневен предизвик, затоа што Ве уверувам дека различностите ќе постојат секогаш, но клучот е во нивното запознавање.

Нека склучувањето на овој меморандум за соработка биде почеток на една заедничка соработка која ќе резултира со реализација на голем број проекти. - напиша Стефковски



Автор: Администратор
Објавено на: 04/09/2023 20:43