- По повод 60 години од скопскиот земјотрес, „Јуроп хаус“ го отвора архитектонскиот конкурс „Скопје на новата генерација“ преку кој се повикуваат млади архитекти и урбанисти да оставаат свој белег во архитектурата на главниот град.

-Ова не е само конкурс за разубавување на градот туку и повик преку кој ќе се подобри пристапот кон заборавените места на градот. Целта на конкурсот е да се ревитализираат старите и заборавените простори во Скопје и градот да стане поинклузивен и попристапен за сите, соопштија од „Јуроп хаус“.

За победниците на конкурсот ќе следуваат и парични награди. Најдобриот дизајн ќе добие 1.500 евра, второрангираниот ќе добие 800 евра, а третиот 500 евра. Победниците ќе се избираат од група експерти-претставници од реномираните универзитети во Скопје, како што се Меѓународниот балкански универзитет, Универзитетот Американ колеџ Скопје (УАКС), МИТ Универзитетот, Факултетот за општествени науки (ФОН) и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Делата ќе бидат анонимни, а експертите нема да знаат кој е автор на дизајнот.

Заинтересираните ќе можат да се пријавуваат од 4 септември, преку официјалната интернет-страница на „Јуроп хаус“ - „www.euhouse.mk“, а крајниот рок за учество е 22 октомври 2023 година. Доколку некој од заинтересираните за конкурсот има прашања, ќе има можност да ги постави до 18 септември, а сите одговори јавно ќе бидат објавени на 25 септември. Главниот настан и церемонијата на прогласување на победниците и изложбата на делата ќе се одржи на 13 ноември.

-Доколку сакате да бидете дел од иднината и да придонесете за Скопје да стане подобро место за живеење, еве ја вашата можност. Ајде заедно да го направиме Скопје поубаво место за живеење и да оставиме добри дела на генерациите кои доаѓаат по нас, се вели во соопштението на организаторите.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/09/2023 22:18