Доколку мислите дека не читате поезија тоа е само заради тоа што не сте ја откриле вистинската за себе. Постои поезија која што ќе допре до вас, поезија која што ќе ве инспирира, која што ќе ја препознаете како своја, вели писателката Јулијана Величковска во интервју за МИА. Една од тие поезии е и „Самодиви“ - епохално издание на македонска поезија пишувана од жени, од преродбата до денес. Збирка во издание на Поетска ноќ во Велестово која во себе содржи песни од 114 поетеси.
За содржината, вредноста и суштината на оваа збирка разговаравме со Јулијана Величковска, македонска писателка која заедно со поетот Славе Ѓорѓо Димоски ја приредија „Самодиви“.
Во разговорот Величковска ни откри дека приказната на „Самодиви“ е стара околу пет години и претставува, како што вели, „исправање на една мала неправда“ во македонската книжевност во која во минатото значајно малку простор беше отстапен на авторките.
- Кога го планиравме 30-то издание на Поетска ноќ во Велестово веќе размислувавме на што ќе биде посветен следниот јубилеј, односно 35-тото издание. Имајќи предвид дека поетесите, односно поезијата пишувана од жени низ годините наназад, и во рамки на фестивалот, но и воопшто, во рамки на книжевната сцена во Македонија, беше значајно занемарена, па дури истисната на некој начин, одлучивме да направиме една промена, да исправиме една мала неправда и да го посветиме јубилејното издание на поезијата пишувана од жени. Но, исто така, да оставиме една трајна трага од тоа случување, односно да објавиме и една книга, која ќе ги собере сите поетеси наназад, од 19 век, од современичките на Григор Прличев, односно првите авторски песни, пишувани од жени авторки, до денес, кога ги имаме најновите, најмладите поетеси, кои, нели, допрва ветуваат една убава и светла иднина за македонската книжевност.
Во продолжение ви го пренесуваме целото интервју со Јулијана Величковска со видео материјал:
Што содржи збирката и каков беше процесот на одбирање на песните содржани во неа?
-Оваа панорама содржи поезија од 114 поетеси. Имавме идеја да бидат отприлика околу 100, но, како што работевме, како што читавме и истражувавме, заклучивме дека, за среќа, нѐ има многу повеќе, особено последните години, авторки жени чие што писмо, трага и поезија не смее да биде занемарена и исклучена. Сепак, станува збор за една панорама, значи не за антологиски избор, туку за панорама што подразбира, нели, еден поширок избор и преглед на тоа што се случувало и што се случува на книжевната сцена, имајќи предвид дека се работи за жени авторки. Така што, ја затворивме оваа книга конечно со таа бројка од 114 поетеси. Имаме авторки од времето на преродбата, помеѓу кои се Депа Каваева и Даница Ручигај, која што е исто така позната, но, има многу други авторки чии што имиња можеби некој за првпат ќе ги сретне во едно печатено издание, до најмладите кои што се родени во 2 000 година.
Што претставува ова дело за нашата книжевност?
-Ова е навистина значајно дело во нашата книжевност. Особено, како што споменав, заради тоа што македонската книжевност во минатото значајно малку простор отстапуваше за авторките. Ако земеме предвид дека пред 20 години имавме и само една жена издавач во Македонија. Ретко беа застапени во жиријата кои што доделуваат книжевни награди, уште поретко добиваа книжевни награди, итн. Ретко присуствуваа на разни поетски читања, книжевни средби и слично. Сега, таа слика е многу поинаква, сменета. Жените на сцената се рамноправни. Дури ми се чини и дека доминираат последниве години. Тоа може да се види навистина и по нивното присуство на поетските фестивали и по објавените книги. Многу статистички податоци го тврдат ова, што многу ме радува и мене и приредувачот, Славе Ѓорѓо Димовски, затоа што имавме навистина многу работа за да ја составиме оваа книга. Поради фактот што опфаќа еден период од некои 150 години, дури до 200, оваа книга нуди еден преглед кој што за книжевните научници би бил можеби еден вид на податливо четиво, за да можат да простудираат и да направат анализи и компарација за тоа како се пишувало и на кои теми се пишувало, и стилски, и она што е денес актуелно на книжевната сцена, но, и за самиот развој на поезијата, на македонската поезија, па дури исклучиво развојот на поезијата пишувана од жени.
Имавте директен увид во песните што ги содржи збирката. Дали има разлика во темите што се пишувани тогаш и денес?
-Апсолутно да. Практично не само жените авторки, општо авторите, поетите, пишуваат за времето во кое што творат. Најчесто е тоа е нешто што нѐ инспирира или кое нѐ поттикнува да дадеме некое наше гледиште на реалноста. Така што, зависно од реалноста во која што твореле, тоа се отсликува во нивната поезија. Но, честопати имаме да речеме доста рефлексна поезија која што е безвременска. Спознавањето на себеси и љубовните чувства. Не се разликуваат значајно од тоа што било пред 150 години и тоа што денес го чувствуваме како луѓе.
Како вие како поетеса ја доживувате оваа книга?
-Јас морам секако да се вклучам во оваа книга затоа што сум дел од сцената, нели, работам во таа насока, покрај сите други улоги што ги имам сум исто така и поетеса. Имам едно чувство дека правам нешто да речеме, од жена за жени, и се радувам што можам да бидам тука за моите колешки авторки, што можам да овозможам да бидат собрани сите на едно место, на едно купче во овие 280 страници, а уште повеќе им се радувам на промоциите што ни се случија, и на онаа на Поетска ноќ во Велестово и на таа што се случи во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје. Имавме можност да слушнеме отприлика некои 30 авторки од застапените 114 во книгата, и тоа е нешто што ми причинува големо задоволство.
Ги споменавте промоциите, посебно таа во Велестово. Што се случуваше таму, имајќи предвид дека беше постигнат рекорден број на посетители?
-Рекорден број посетители имавме годинава за ова издание. Околу 400 луѓе дојдоа на настанот, што за културен настан е воопшто голема бројка, за книжевен настан уште поголема, а доколку земеме предвид дека станува збор за настан што се одржува во рурална средина, во едно село на планина, на 1 000 метри надморска височина, навистина сме пресреќни што толку многу луѓе одлучија да дојдат, да присуствуваат на настанот и да ги поддржат овие авторки чие што претставување беше во фокусот на јубилејното издание. Особено сме среќни затоа што и гостите од странство си заминаа со многу убави впечатоци. Имаа можност и тие да читаат пред толку многубројна публика.
Ни претстои уште еден голем поетски настан, третото издание на Скопски поетски фестивал. Подготовките за фестивалот течат, а вие сте дел од организацијата. Што да очекуваме?
-Очекувајте богата програма. Навистина имаме многу настани. Има и пред-настани на самиот фестивал, тоа е „Отскочна даска“ за најмладите од 16 до 25 годишна возраст. Веќе е популарен кај младите како настан и за него се пријавија дури 54 млади поети и поетеси. Значајно повеќе од првото издание. Понатаму ќе имаме можност преку издавачката куќа ПНВ Публикации да ги претставиме и гостите од странство чии што збирки се претходно издадени на македонски јазик. Публиката ќе може поблиску да ги запознае авторите, ќе дискутираме заедно со преведувачите за целиот тој процес на значењето на книжевниот препев и донесувањето на една поетика на друг јазик, и предизвиците околу сето тоа. Но, особено им се радуваме на главните настани, на главните поетски читања. На 27 ќе биде главното отворање на фестивалот во Младинскиот кулутрен центар. „Воздух, ветер, дишење“, е темата која што ја имаме годинава, една еколошка порака што мислам дека е значајна за нашиот град. Низ перспективата на поетите е опфатена таа тема. Ќе имаме и музичка придружба додека читаат, на дувачки инструменти, согласно темата што ја имаме. Но, исто така, ќе ја претставиме и онаа антологија за која што веќе се говореше доста во јавноста. Антологијата на младите поети, „Ново раѓање на зборот“ приредено од Весна Мојсова Чепишева и Иван Антоновски. Таа антологија беше претставена и на Поетска ноќ во Велестово и на Струшките вечери на поезијата, и редно е на младите да им се даде простор и на Скопскиот поетски фестивал. Исто така, планираме изложба, работилница за креативно пишување која што ќе ја држи Имануел Мифсуд, кој е поет и универзитетски професор од Малта. Ќе имаме гости од Хрватска, Малта, Данска, Србија, Франција. Така што, навистина убава програма и навистина прекрасна поезија ќе можат да слушнат сите заинтересирани страни.
Кои се вашите идни ангажмани надвор од државава?
-Следува едно мое гостување на фестивал во Истанбул. Таму гостувам како уредник во програмата, тоа е еден голем значаен фестивал што ќе вроди со нови искуства и се надевам и со нови соработки со агенцијата „Кален“ со која соработувам и што го организира. Понатаму, се одвиваат неколку книжевни промоции до крајот на годинава во рамки на ПНВ Публикации како уредник, и се надевам ќе најдам време да поработам на своите текстови.
Каква е ситуацијата со поезијата, особено во делот со младите, колкав е интересот и какви се инвестициите во овој дел?
Значајно е голем интересот кај младите за поезијата, поетските фестивали воопшто како и за поетските настани. Често се тука дури и во улога само на публика, а не како учесници. Но, се јавуваат и како учесници, се интересираат, пишуваат. Постојано добивам ракописи, што, нели, треба да се разгледаат, да се уредат, и потенцијално да се објават, или, пак, да им се дадат насоки на младите како да го подобрат тоа што го пишуваат и тоа што ги окупира. Така што многу се радувам за тоа и сметам дека брзо напредуваат и брзо ги стигнуваат и повозрасните. Дваесетгодишниците денес пишуваат рамо до рамо со луѓе кои се веќе зрели, етаблирани автори на поетската сцена. Така што, нивната поетика е доволна зрела и доволно силна и впечатлива, и не само на нашата книжевна сцена дома, туку дел од нив веќе се присутни и на интернационални поетски фестивали надвор од земјата. Така што особено многу им се радувам на младите, и едвај чекам да видам што следува.
Колку се чита поезија кај нас и доколку не доволно, како можеме да се инспирираме?
Постои една група читатели која не е така мала, доколку се земе предвид колку жители имаме во нашата земја. Но, исто така, сметам дека секогаш може да биде подобро. Има една група читатели на кои што особено би им се обратила, тоа е група луѓе кои читаат книги, но, велат, „не читаме поезија“. На тие луѓе би им порачала да присуствуваат на повеќето настани кои се случуваат. Еве, на Скопскиот поетски фестивал кој следува. За да им покажеме на некој начин дека поезијата е едно широко поле. И ако мислите дека не читате поезија, тоа е само заради тоа што не сте ја откриле вистинската за себе. Постои поезија која што ќе допре до вас, поезија која што ќе ве инспирира, која што ќе ја препознаете како своја, и тогаш мислам дека овие читатели ќе доживеат едно откровение и ќе сфатат дека ако се читатели тогаш не треба да се пребирливи во однос на жанрот или на книжевниот вид што го читаат, туку, дека постои многу простор и во поезијата да најдат разноликост и да го најдат она што тие го бараат кога читаат