- Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски беше дел од кампањата „BeActive Day“, за промоција на спортот и физичката активност која ја спроведува невладината организација ТАКТ. На настанот, како што соопшти Општина Центар, присуствувал и францускиот амбасадор во земјава Сирил Бомгартнер.

Од Паркот на Франкофонија Герасимовски порача дека иако трката во реализирање на секојдневните обврски ни го скратува денот ние мора да вежбаме, да ја одржуваме физичка активност и здравите навики за исхрана, стои во соопштението на општината.

-„BeActive“ преку овие кампањи не потсетуваат за важноста од физичката активност и потребата да бидеме фокусирани на промовирање и славење не само на физичката туку и на менталната и социјалната благосостојба на луѓето и навистина ова не смееме да го занемариме. Оваа кампања не само што има за цел да ја промовира физичката активност и здравиот начин на живот туку го промовира и меѓугенерациско дружење и поврзување меѓу семејствата, пријателите со цел да се зголеми колективна посветеност за поздрав и поактивен живот, истакна Герасимовски.

Додаде дека согласно ова, Општина Центар повикува и ја промовира физичката активност и преку субвенциите за велосипеди преку новите велосипедски патеки и преку поставувањето на паркинзи за велосипеди на различни локации.

-И во оваа прилика упатувам порака, да возиме велосипеди и да не заборавиме да бидеме поактивни, тоа значи здравје, виталност и нова позитивна енергија, порача Герасимовски.

Поттикнувањето на физичката активност се одвиваше преку полигони за деца со игри за спорт за развој, дечиња кои возеа велосипеди, комбинирани сет вежби и присуство на граѓани кои домуваат во Домот за стари лица Феникс.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/09/2023 13:51