Синдикалната организација на педесетина вработени во печатница Напредок во Тетово алармира дека работниците со години се соочуваат со доцнење на платите и немање здравствено осигурување. Тие ги повикаа медиумите и истакнаа дека дел од нив немаат земено три плати, а дел по една плата.

Претседателот на Синдикалната организација, Живе Ќироски, истакна дека од 2019 година досега поради доцнење на плати, вработените се без здравствено осигурување, а повеќето од вработените се над 50 години.

- Цела корона ја поминавме без да имаме здравствено осигурување и приватно плаќање за лекување. Ние формално правно сме две фирми, меѓутоа де факто делуваме и функционираме како една фирма, работите ние се поврзани, производниот процес е поврзан. Што наидува и на револт кај вработени во Напредок Принт „Зошто на Напредок 1 заштитна работилница, оддеднаш да се исплатат две плати, а на Напредок Принт да се доцни три плати“, нормално дека ќе има реакција. Ги повикуваме надлежните институции, ова е проблем што се провлекува со години. Единствена реакција имаше пред месец или два кога по пријава на нашиот гранков синдикат, дојде трудова инспекција и како резултат на тоа оддеднаш за два дена се исплатија две плати меѓутоа само на едната фирма Напредок 1 којашто е 20-30 проценти од вработените и е заштитна работилница, изјави Ќироски.

Тие бараат претпоставените да ја сфатат сериозноста на ситуацијата во којашто се наоѓаат вработените.

- Минатата година имавме и еден смртен случај каде наш колега почина, немајќи здравствено осигурување, и заради таа лоша финансиска состојба не можеше да ги изврши потребните прегледи и да добие соодветна терапија. Каде што загрозена е егзистенцијата, каде што е загрозено здравјето и животите на нашите граѓани. Од нас се бара максимално ангажирање, сега Печатница Напредок е еден од главните изработувачи на учебници, поготово овој период сме под максимален притисок, да запазиме рокови за изработка на учебниците. Не е хумано, во вакви услови со немање на плата, немање на здравствено осигурување, да бараш од луѓево максимално да се ангажираат и тоа луѓето да го почитуваат максимално, нагласи тој.

Од раководството на Печатница Напредок потврдуваат дека има доцнење на платите, но се прават напори да се исплатат сите неисплатени лични доходи и придонеси.

Управителот Мирослав Грнчаровски истакна дека проблемот настанал уште во време на пандемијата 2020/2021 кога производството и работата се намали за 80 отсто.

- Од тогаш се трудиме да дојдеме во ред. Во едната фирма сме дошле на ред, во другата уште една плата должиме. Од тогаш доцнат платите, но секој месец се зема плата. Во август имаше исплата на 4-ти и на 24-ти, и во септември има исплатено. Плати има. Проблемот е што доцни здравственото осигурување за неколку месеци. Напредок 1 треба да земе плата за август, а Напредок Принт за јули и август, нагласи Грнчаровски.

Според раководството платите се исплаќаат врз основа на тоа кога фирмата успева да ги добие средствата за извршените услуги.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/09/2023 21:13