Брус Вилис боледува од фронтотемпорална деменција, болест што предизвикува проблеми со говорот и помнењето, како и разни промени во чувствата и однесувањето на пациентот. Дијагнозата на глумецот беше објавена на почетокот на годинава, а неговата сопруга Ема Хеминг Вилис сега поподробно проговори за борбата низ којашто минуваат како семејство.
- Она што го осознав со времето е дека деменцијата е тешка. Тешко е за личноста со оваа дијагноза - тешко е и за семејството. И не се разликува ниту за Брус, ниту за мене, ниту за нашите ќерки. И кога велат дека тоа е семејна болест, навистина е така, изјави таа во емисијата „Тудеј“.
Брус со Ема ги има ќерките Мејбел и Евелин, додека од бракот со глумицата Деми Мур ги има ќерките Румер, Скаут и Талула.
- Ние сме многу отворено и чесно семејство. И најважно беше (на децата, б.п.) да им се објасни што претставува оваа болест од медицински аспект. Важно е оти не треба да има никаква стигма поврзана со дијагнозата на нивниот татко, истакна Ема.
Прашана дали Брус бил свесен за неговата состојба, таа вели дека е тешко да се знае тоа.
- (Дијагнозата) е и благослов и проклетство. Некако, конечно разбирате што се случува, па веќе можете да го прифатите тоа. Тоа не ја прави состојбата помалку болна, туку само ја прифаќаш и знаеш кој е Брус сега, па тоа е малку полесно. Толку многу убави работи се случуваат во нашите животи. Едноставно, многу ми е важно да ги тргнам очите од жалењето и тагата за да видам што ни се случува, искрено појасни сегашната сопруга на глумецот.
Таа исто така нагласи дека не сака луѓето да ја гледаат како „негувателката на Брус Вилис“, туку како негова сопруга.
- Тој ги учи нивните ќерки на прекрасни работи. Искрено, тој е дар што продолжува да дава љубов, трпение, издржливост, сѐ уште толку многу. И јас и нашето семејство учиме од него. Тука сум и го правам ова не затоа што ова е мојата удобна зона, туку ова е одраз на неговата моќ, истакнува Ема Хеминг Вилис.