Најмногу прекршени работнички права се евидентирани во делот на неисплатени плати и додатоци на плати. Но, во последно време има раст и на претставките што се однесуваат на вознемирување на работното место. Во текот на изминатиот шестмесечен период, извршени биле околу 10.886 инспекциски надзори, од кои 1.555 се по претставки, иницијативи на работниците. Овие податоци беа споделени на денешната прес-конференција на претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов и директорката на Државниот инспекторат за труд, Весна Томовска.
Трендафилов информираше дека ССМ во изминатите 18 месеци спроведувал активност за дигитализација на синдикалните услуги, односно на обезбедувањето на бесплатна правна помош. Апликацијата „ССМ - Мои работнички права“, која е изработена со поддршка на Меѓународната организација на трудот, а потоа дополнително унапредена со поддршка на нивни колешки и колеги од Европската конфедерација на синдикатите, овозможила пред сѐ, да се доближат до младите луѓе.
- Во овие 18 месеци обучивме 300 наши синдикални активисти од 11 градови да работат активно и преку апликацијата да обезбедуваат бесплатна правна помош за работниците во Македонија. Дополнително, 90 обучувачи се обучени за начинот на функционирање на оваа апликација, посочи претседателот на ССМ.
Како што изјави Трендафилов, ССМ од 2021 година до денеска има обезбедено бесплатна правна помош и заштита за 23.283 работници, кои се обратиле преку апликацијата „ССМ - Мои работнички права“.
- Или во 2021 – 5.400 работници се обратиле преку апликацијата за обезбедување на нивните работнички права, во 2022 – 12.622 работници, но во 2022 значајно беше тоа што при генералниот штрајк во јавниот сектор, голем број работници прашуваа како ќе им се зголемуваат нивните плати за 2.806 денари, каква е процедурата за приклучување на генералниот штрајк и поради тоа тогаш е бројот поголем. Додека во 2023, за само шест месеци, 5.262 работника се обратиле до ССМ, појасни Трендафилов, нагласувајќи дека работници добиваат бесплатна правна помош и покрај тоа што не се членови на синдикатите.
Од 2021 до сега, најголем дел од прекршени работнички права, како што додаде Трендафилов, се во делот на неисплатени плати и додатоци на плати, особено „регресот за годишен одмор“.
Тој соопшти и за новината на апликацијата „ССМ - Мои работнички права“. Покрај пријавата за прекршено правило од работен однос, работниците ќе можат да се интересираат за настаните што ги организира ССМ или здружените синдикати.
- Во текот на денешниот ден ќе биде објавено за протестот на синдикатот на УПОЗ што ќе се организира во четврток со почеток од 11 часот, кажа Трендафилов.
Со меморандумот потпишан со Државниот инспекторат за труд, навистина се зајакнале „нашите позиции како синдикални претставници и нивните позиции како државни инспектори на трудот во процесот на унапредување и заштита на работничките права“.
Томовска информираше дека во текот на овој шестмесечен период, извршени се околу 10.886 инспекциски надзори, од коишто 1.555 се по претставки, иницијативи на работниците.
- Врз основа на нашите аналитички обработки на податоците, што доаѓаат од терен од страна на инспекторите, врз основа на месечните, шестмесечните и годишните извештаи, најголем број на прекршувања се во делот на неисплата на плати, додатоци од плата, во изготвување на анекси кон договорите за вработување, а во последно време и раст на претставките што се однесуваат на вознемирување на работното место. Во делот на безбедноста и здравјето при работа, можам да нагласам дека инспекторите се континуирано на терен, исто така со ССМ имаме мошне добра соработка во делот на споделувањето на информации каде и каде се прекршени работничките права на градежните објекти, каде не се преземени потребните мерки за заштита при работа од страна на работодавачите и во текот на овој шестмесечен период, се изречени седум кривични пријави од страна на инспекторите, во делот на непочитување на мерките што се однесуваат за безбедни работни места, откри Томовска.
Таа додаде и дека согласно годишните планови за вработување, во „континуитет планираме нови работни места коишто исклучиво се наменети само за инспекцискиот дел“