Институтот за комуникациски студии (ИКС) информира дека преку играта „Чичко Мрчатор“ (Cranky Uncle) корисниците можат да научат да се борат против дезинформациите со критичко размислување.
Оваа игра е развиена од научникот Џон Кук од Универзитетот во Мелбурн и креативната агенција „Goodbeast“. Сега е преведена и на македонски јазик од Институтот за комуникациски студии и е бесплатно достапна за iPhone и Android.
- Играта „Чичко Мрчатор“ користи цртани филмови, хумор и критичко размислување за да ги открие погрешните техники на негирање на науката и да изгради отпорност на јавноста против дезинформациите. За да објасни зошто и како некои луѓе ги отфрлаат научните докази, авторот го создаде ликот Чичко Мрчатор, членот на семејството што сите го имаме по дома и кој мисли дека знае подобро и од светските научници, се наведува во соопштението од ИКС.
Играта е преведена во рамки на проектот „Користи факти: употреба на новинарството засновано врз факти за подигнување на свеста и за спротивставување на дезинформациите во медиумскиот простор во Северна Македонија“, финансиран од Британската амбасада во Скопје.