Американскиот глумец Том Хенкс предупреди дека нема никаква врска со стоматолошката реклама што го користи неговиот лик за да ја пренесе својата порака. Тој посочува дека за оваа цел била користена вештачка интелигенција, т.е. тн. „дипфејк“ видеомонтажа што „имитира“ помлада верзија од неговиот лик.
-Внимавајте! Има видео што прикажува некаков дентален план со моја ВИ-верзија. Немам никаква врска со тоа, напиша Хенкс на својот Инстаграм-профил.
Употребата на ВИ веќе неколку години овозможува лесно и евтино пресликување лица, па и на познати луѓе кои не се вклучени или присутни на одредено случување или место. Тоа предивикува доста контроверзии. Според глумците и нивните официјални здруженија, сѐ тоа води кон злоупотреба на технологијата, загрозување на идентитетот, авторските права и, во крајна сметка, одземање работни места.
Том Хенкс и претходно ги коментираше можните последици од користењето ВИ во филмската индустрија.
- Технологијата веројатно ќе му овозможи на актерот да се појавува во нови филмови и откако ќе умре... Сега секој може да се пресоздаде себеси на која било возраст преку ВИ или „дипфејк“, изјави глумецот.
Тој исто така вели дека не е баш сигурен дали на публиката навистина ќе ѝ пречи ако на екранот видат вештачки создадени слики наместо глумци.