Под насловот „Македонијо во срце те носиме“, вчера, во паркот пред салата „Расадник”, се одржа финалниот скопски концерт на музичкиот проект кој во изминатиот период, во 8 градови, ги претстави најубавите македонски патриотски песни во изведба на 12 македонски изведувачи.

Како што информираа од Општина Кисела Вода, на музичката програма се најдоа многу познати македонски изведувачи. Во текот на тие два часа се пееја „Народе македонски“, „Едно име имаме“, Ми заплакало село Ваташа“, „Земјо македонска“, „Ој, Вардаре“, „Оган да го гори“, „Послушајте патриоти“, „Заветна“,„Налеј, налеј“ и останатите песни од проектот, освежени со нови современи аражмани, зад кои застана познатиот музичар и композитор Николче Мицевски. Во меѓувреме, публиката едногласно пееше со Наум Петрески, Зуица Лазова, Андријана Јаневска, Бојана Скендеровски, Сузана Спасовска, Ламбе Алабаковски, Миле Кузмановски, ДНК, Александар Тарабунов, Огнен Здравковски, Марија Спасовска, Мина Блажев, а на крај се прикажа огромен огномет.

-Ова е Македонија! Ова е мојот горд и обединет народ кој во еден глас ги пееше преубавите македонски песни! Ви благодарам на сите кои бевте дел од овој спектакл, благодарам на продукцијата ,,Скендеровски” за овој прекрасен проект и на сите изведувачи кои повторно ги оживеаа македонските родољубиви песни. Да си го чуваме она што го имаме - Македонија и нашата традиција, бидејќи нема ништо повредно од тоа, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/10/2023 20:05