Новиот конкурент на мрежата Икс (Х), Тредс (Threads) достигна речиси 100 милиони корисници месечно, изјави извршниот директор Марк Закерберг во презентацијата на резултатите од последниот квартал на матичната компанија Мета.
Сè што беше претходно познато за развојот на Тредс беше дека услугата достигна 100 милиони регистрации за неколку дена кога беше лансирана на почетокот на јули. Фирмите за веб-аналитика процениле дека бројот на дневни активни корисници и времето што го поминуваат на платформата се намалиле.
Закерберг не даде детали за бројот на дневни активни корисници.
Откако Маск го презеде Твитер, неколку сервиси се обидуваат да им понудат нова платформа на незадоволните корисници на најпознатата мрежа за кратки пораки.
Тредс е прикачен на социјалната мрежа за фотографии и видео на Мета, Инстаграм, овозможувајќи му да допре до веќе постоечките врски помеѓу стотици милиони корисници.
Услугата сè уште не е лансирана во ЕУ, а Мета ги посочува европските дигитални закони како оправдување. Автоматското поврзување на корисничките податоци од Инстаграм и Тредс Мета може да доведе до правни проблеми, сметаат познавачите.