Тајлер Кристофер Бејкер, можеби најпознат по улогите во ТВ-сериите „Општа болница“ и „Деновите на нашите животи“, почина на 50 години. Тој со години се борел со алкохолизам и депресија. Глумецот Морис Бенард ја потврди веста за смртта на својот близок пријател.

„Со голема тага ја објавуваме смртта на Тајлер Кристофер. Тој почина по срцев удар во неговиот стан во Сан Диего. Тајлер беше навистина талентиран поединец кој ја осветлуваше секоја сцена каде што глумеше. Тој, инаку, се лекуваше од зависности и отворено говореше за своите борби со биполарноста, депресијата и алкохолизмот. Потиштени сме од загубата на нашиот драг пријател и се молиме за неговите деца и татко“, напиша Бенард.

Кристофер беше во брак со ѕвездата на сапуницата „Очајни домаќинки“ - Ева Лонгорија од 2002 до 2004 година. После тоа, тој се ожени со новинарката Бриен Педиго (2008 - 2021) со која имаат две деца.

Кристофер глумеше 20 години во американската сапуница „Општа болница“, во над 1.100 епизоди. Таа улога му донесе „Еми“ награда за главна машка улога, како и повеќе други номинации.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/11/2023 16:45