Нова песна на „Битлс“, произведена со мала помош од вештачката интелигенција и со вокалот на Џон Ленон, ќе биде објавена денеска, повеќе од четири децении откако првично била снимена како демо-трака.

„Now And Then“ (Сега и тогаш), е една од неколкуте песни на касета што Ленон ги снимил за Макартни во својот дом во Њујорк, 1979 година - една година пред неговата смрт. Снимката на Макартни му ја подарила вдовицата на Ленон, Јоко Оно во 1994 година. Напишана и испеана од Ленон во 1978 година, песната ја завршија неговите колеги од поп-рок бендот, Пол Макартни и Ринго Стар - и ВИ. Макартни (81) го најави објавувањето на песната во јуни, во видео под наслов „Последната песна на Битлс“.

- Тоа е прилично емотивно и сите играме на него, тоа е вистинска снимка на „Битлс“, вели Пол во видеото.

Други две песни - „Free As а Bird“ и „Real Love“, беа исчистени од продуцентот Џеф Лин и објавени во 1995 и '96 година.

Беше направен обид да се направи истото со „Now And Then“, но проектот беше напуштен поради бучавата во позадината на демо-снимката. Но, денес има посовремена технологија...

- Еве го! Гласот на Џон, кристално чист, рече Макартни за обновениот глас на својот покоен колега, реставриран од ВИ.

Ринго Стар (83) се согласи дека ова е „најблиску до тоа - тој (Ленон) да се врати во собава“, додавајќи дека го доживеале тоа многу емотивно. Двајцата преостанати од „Битлс“ вклучиле и електрична и акустична гитара на Џорџ Харисон снимена 1995 година, во новиот производ.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/11/2023 15:53