- Филмот „The walk“ („Патување пеш”) во режија на Тамара Котевска на 9 ноември оваа година ќе има светска премиера на најголемиот фестивал на документаристика во DOC NYC во САД во Њујорк. Станува збор за втор долгометражен филм на Котевска, после нејзиниот филм „Honeyland“.

Кинематографер на филмот е Самир Љума, а композитор Дуке Бојаџиев. Во продукција е на „Grain Media“ од Велика Британија, а копродукција е ОХО продукција.

Филмот го следи патувањето на Амал, џиновска кукла висока 3,5 метри, млада бегалка, која патува преку сириската граница во Турција, низ Европа, обидувајќи се да си најде дом.

Директорот на Агенцијата за филм Бојан Лазаревски на денешната прес-конференција посочи дека премиерата на филмот во Њујорк, покажува дека повторно македонската кинематографија е една од најголемите културни амбасадори.

-Ме радува фактот што истоимениот филм и проект во кој Тамара Котевска се јавува како режисер означува општествена инфлуенса, која реално ни го претставува животот на дел од луѓето во светот низ кој пат поминуваат за да дојдат до своите основни потреби, потреба за вода, за училиште. Ме радува и фактот што нашата македонска музика е дел од овој проект, што наш кинематографер е дел од овој проект, што Агенција за филм успеа да го препознае проектот, но и тоа што позади него стои една од најголеми британски продукциски куќи, која е два пати наградувана за Оскар, рече Лазаревски.

Тој се надева оти светската и европската премиера ќе остави силен впечаток во општеството и луѓето ќе сфатат дека сите ние жители на оваа планета треба да ги имаме истите права.

Режисерката Тамара Котевска на денешната прес-конференција рече дека филмот е посветен на сите бегалци од Сирија и Палестина.

Таа напомена дека и претставувало најголем предизвик да работи на овој проект, бидејќи како што посочи, политичките бегалци се најкомплексната и најтешко обработлива тема.

-Ме поканија да го режирам филмот веднаш после ковидот. Проектот изгледаше многу комплексен и обратно од се она што работевме на „Медена земја“ и затоа ми беше и најголем предизвик да се впуштам во ваков проект. Бев скептична за темата бидејќи е според мене, една од најтешките теми во светот. Политичките бегалци се најкомплексната и најтешко обработлива тема. Многу беше необично да се работи, бидејќи станува збор за патувачки театар, не се одеше со авиони. Се патуваше со автобуси во турското градче. Цела Грција ја поминавме со брод, целата Италија, Швајцарија, Белгија, Франција, Германија и на крај цела Англија ја поминавме и реакциите беа чуденси, и негативни и позитивни, рече Котевска.

Според кинематограферот Самир Љума, филмот е значаен затоа што темата која ја обработува за жал и денес е актуелна. И денес, како што рече, сме сведоци на човечки страдања од невидени размери, луѓето очајно бараат спокој и мир.

-Многу од нив се принудени и да го напуштат својот дом и не се малку, ги има околу 110 милиони, од кои 36 милиони се бегалци. За жал и јас бев еден од нив во текот на мојот живот, бев принуден да го напуштам домот и не беше лесно да се следи во текот на снимањето на овој филм секојдневно патишествието на куклата Амал. Таа секојдневно се среќаваше со бегалци и раселени лица, рече Љума во онлајн вклучувањето на денешната прес-конференција.

Композиторот на музиката на филмот, Дуке Бојаџиев посочи дека на овој проект работеле многу темелно и многу интензивно, повеќе од една година.

-Беше волшебно искуство да се работи на овој филм, да се работи со ваков професионален тим на Македонија и познатиот тим од светот. Мислам дека постигнавме уметничко дело, кое се работеше многу темелно и многу интензивно, повеќе од една година. Во филмот има и изворна и филмска музика, но и оперска музика така да има многу жанрови за да се долови совршена спојка на сликата и звукот. Верувам дека ќе видите едно големо уметничко дело, додаде Бојаџиев на денешната прес-конференција преку онлајн врска.

Пеце Талески, продуцент од ОХО продукција на прес-конференцијата денеска потенцираше дека филмот зборува за дехуманизацијата на човечкото суштество.

-Ова ни е трет проект со Тамара. Ова што Тамара го работи треба да ни биде светилник како треба да изгледа еден културен производ, кој е истовремено локален, односно може да комуницира со локалната заедница, но и со светот, рече Талески.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/11/2023 22:19