Ќе започнам со еден извештај од оваа година, од 2023 година месец април којшто доаѓа од Светска банка и еден редовен годишен извештај којшто се прави секоја година и таму резултатите на полето на странските директни инвестиции беа катастрофални за Македонија споредбено со земјите на Западен Балкан, истакна во нејзиното гостување во емисијата „Стадион“ на Канал 77, портпаролот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева говорејќи за тоа дали власта е во право кога тврди дека постигнала добри резултати кога станува збор за странските инвестиции.

„Македонија беше на дното на табелата по странските директни инвестиции во последни три години. И во 2022 година странските инвестиции, нетото во Македонија изнесуваа 5% од БДП, а во Црна Гора беа 13,5% во Србија 7%, во Албанија 6%, Косово 6,5% итн. Така што и бројките кажуваат дека состојбата која што се презентира во јавноста е малку поразлична од онаа што власта ја презентира“, потенцираше Митева.

Таа исто така додаде дека Македонија во време на ВМРО-ДПМНЕ беше лидер по странски инвестиции, а сега е на дното на табелата.

„Во едно минато време кое што се обидуваме да го критикуваме, во времето на ВМРО-ДПМНЕ Македонија беше лидер по странски директни инвестиции, состојбите беа поразлични и Македонија беше на врвот на табелата, а не последна“, потенцираше Митева.

Што се однесува на растот на платите во економските зони со што исто така се фали Владата, Митева истакна дека истото е резултат на економските движења кои се случуваат на пазарот на трудот, а не како резултат на некакви мерки на Владата.

„Во делот на растот на платите во зоните морам да кажам дека тоа не е резултат на некои државни мерки коишто се донесени од страна на власта, туку се врз основа на економски движења коишто се случиле на пазарот на трудот и на пошироко ниво, затоа што сме се соочиле со недостаток на работна сила, тука можеме да ја вклучиме инфлацијата, можеме да ги вклучиме и зголемените трошоци на живот, продуктивноста на работната сила итн“, заклучи Митева.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/11/2023 06:52