Ковачевски треба да го надмине своето его и треба да покаже еднаш државнички пристап односно државнички капацитет и да се согласи во интерес на сите граѓани на Република Македонија да одиме на едни заеднички претседателски и парламентарни избори, порача пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки на денешната прес - конференција.

Ковачки на денешната конференција која се одржа во Собранието посочи дека се подготвени на соработка и дека како партија инсистираат на почитување на законските и уставните одредби за одржување на изборите.Тој, меѓу другото, се осврна и на извештајот на Европската комисија.

-Македонија во изминатата година нема никаков напредок во борбата со корупцијата и истата продолжува да се распространува во многу области. Како што е наведено во Извештајот, зголемени се одложувањата на судењата за случаите на корупција на високо ниво што резултираше со истекување на рокот на застареност на некои случаи. Како главна забелешка се нотира измената на Кривичниот законик по забрзана собраниска постапка каде што казните за конкретни кривични дела поврзани со корупција се намалени, што имаше импликации врз примената за застареноста, стопирање, па дури и прекинување на голем број на случаи на корупција на високо ниво. Со овие измени кои ги направи власта се попречува способноста да се истражат и гонат таквите прекршоци, изјави Ковачки.

Ковачки рече дека во Извештајот забелешки имало и за ефикасноста на работењето на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и влијанието на политички субјекти во истото.

-Република Македонија денес е колевка на корупцијата благодарение на оваа власт. СДСМ и ДУИ немаат намера да се борат против корупцијата, бидејќи тие се носителите на овој проблем, оцени пратеникот.

Според Ковачки без сериозна и темелна борба против корупцијата и организираниот криминал што ќе даде видливи и забележителни резултати, никогаш нема да започнеме преговори за пристапување кон ЕУ.

-После оценките од овој извештај јасно е само дека оваа гарнитура на власт не ја интересира ниту европската перспектива на Македонија туку единствено да се украде што е можно повеќе за ова кратко време што им останува на власт, подвлече тој.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/11/2023 18:07