Треба да отвориме дебата што значи политички консензус и дијалог. Ако се очекува само од пратеничка група на опозицијата немо и со целосна поддршка да ги поддржува предлог законските мерки кои владата ги носи, тогаш ќе кажам дека тоа не е дефиниција за политички консензус, изјави Марија Митева член на ИК и портпарол на ВМРО-ДПМНЕ за „Топ тема“ на телевизија.
Митева нагласи дека она што е клучно во делот на Извештајот на ЕК е злоупотребата на европското знаменце и посочи дека активната блокада на ВМРО-ДПМНЕ во Собрание е амандманско подобрување на штетните закони од власта.
- Зборуваме за активна блокада на ВМРО-ДПМНЕ која претставуваше амандманска блокада, еден вид подобрување на штетни закони. Еве кажете ми еден закон предложен од страна на опозицијата кој бил прифатен од страна на власта. Освен резолуцијата која политички знаеја дека ако ја одбијат, политички ќе изгубат, но не постои закон, не постои предлог, амандман кое ова мнозинство го прифатило, рече Митева.
Митева посочи дека треба да се навратиме на период во кој ВМРО-ДПМНЕ излезе со концепт и предлог до власта за да направиме тимови во пет клучни области, кога власта одби за сега да бара заедничка одговорност.
- Една од тие области беше интеграцијата на Македонија во Европската Унија. Понудивме пет тима со членови и рековме ајде да седнеме и да најдеме политички консензус. Дваесет минути по завршување на прес конференцијата без никаква координација СДС излезе со соопштение со кое одбија, за денес да бараат политички консензус и разбирање за многу прашања. Не можеме да бидеме дел од нешто кое тие го креираа, изјави Митева.
Во однос на реформите Митева истакна дека реформата во јавната администрација не може да се случи со поставување на партиски членови кои немаат официјално или конкретно образование и последен пример кој беше посочен беше поставување на директор на Аеродроми.
- Ако овие работи не се случуваат тие кои мислат дека Македонија без притисок од надвор не може да функционира, нема да се чувствуваат така. Но следејќи ги сите состојби, не само стагнацијата, не само немањето реформа, криминалот, корупцијата, непотизмот. Оваа влада ја карактеризира и зголемување на јавен долг, тежок животен стандард, скандали во Онкологија, судство, инфраструктура, Дурмо, модуларна болница, Беса транс, имате власт која не носи учебници на време, која го наруши националниот идентитет. Не можете од таква власт да направи било каква реформа. Потребно е што поскоро да имаме избори за да се променат работите, изјави Митева.