Сакам навистина да им се заблагодарам на граѓаните и да им оддадам признание на сите од внатрешноста на државата заради тоа што веќе надминавме 80 проценти од замената на личните документи. Издадена е наредба до помошникот министер во сите градови надвор од Скопје веќе да се работи без закажување, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во одговор на новинарско прашање за динамиката на замена на личните документи.

Тој додаде дека таму можат сите граѓани, коишто ќе дојдат и ќе се пријават, да бидат и услужени и засега нема процена дека ќе има каков било проблем. Спасовски очекува во наредните два месеци да се заврши овој процес.

- Работиме интензивно. Ние секојдневно ги анализираме работите, на граѓани коишто пристапуваат да ги побараат личните документи, да остават податоци и оние коишто се обработуваат, така што, немаме состојба во којашто не можеме да постигнеме. Напротив, мислам дека одиме со една добра динамика и сметам дека сите заинтересирани ќе можат да си извадат лични документи, посочи Спасовски.

Тој уште еднаш категорично повтори дека ќе нема казни за сите лица коишто до законскиот рок – февруари 2024 година нема да ги променат личните документи.

- Ниту еден граѓанин нема да добие казна, ниту ќе биде ускратен за остварување на кое било право во државата. Да си ги завршиме граѓанските обврски. Нема да има последици по никој, рече Спасовски



Автор: Администратор
Објавено на: 16/11/2023 14:27