Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска при теренската акција на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Струмица во Банско во рамки на кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените!“ одговарајќи на новинарско прашање за тоа што Владата конкретно има направено за подобрување на стандардот на студентите бидејќи денеска е меѓународниот ден на студентите.
Тој истакна дека Владата нема ништо направено, а во Скопје ветуваа студентски град, но нема ништо од тоа.
„Можеби тука сум најповикан од прво лице да зборувам, затоа што сум и универзитетски професор, со студентите се гледам неколку пати неделно, разговараме на часовите и на приемните термини, ништо немаат направено“, кажа Мицкоски.
Претседателот Мицкоски додаде дека пред се се’ богатеа олигарсите блиски до врхушката на СДСМ и самото раководство на СДСМ. Тоа мора да се промени. ВМРО-ДПМНЕ има план, има визија и стратегија и знае што треба да направи.
„Во Скопје ветуваа во Студентскиот дом „Стив Наумов“ дека ќе никне студентски град, но ништо немаат направено 6 години буквално ниту лопата немаат фрлено. Тоа е што е, ситуацијата е таква каква што е, ќе остават навистина пустош, држава која постепено се празни, разочарани сограѓани кои немаат надеж, луѓе кои се отселуваат, многу криминал и корупција“, рече Мицкоски.
Претседателот Мицкоски заклучи дека за тоа што е криминал и корупција ќе има одговорност, а за останатото треба да се засукаат ракавите и да се направи нешто за Македонија и за овој народ.