Што и да кажеме денес по однос на функционирањето на релација централна-локална власт не може одблизу да го отслика дивеењето коешто се случува д страна на централната и институциите коишто тие ги менаџираат со Македонија, истакна градоначалникот на Штип, Иван Јорданов на денешната дебата насловена „Важно е да нема опструкции за работа на општините“ организирана од ВМРО-ДПМНЕ во рамки на кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените“ во општина Берово.
Тој додаде дека доказ за опструкциите на власта е и самиот факт што од првиот ден кога ја презеде функцијата градоначалник добил известување од Министерството за финансии за долг на општината којшто повеќе од 20 години не бил сервисиран.
„Морам да напоменам дека моментот кога станав градоначалник, од првиот ден добив известување од Министерството за финансии дека општината подигнала кредит во 2000 година којшто досега повеќе од 20 години не бил сервисиран на годишно и на месечно ниво и заради овој момент каматната стапка неколкукратно го надминала основниот заем и ние како нова локална власт практично презедовме обврска да враќаме кредит и камати од некои минати времиња“, подвлече Јорданов.
Тој додаде дека како општина се нафатиле да го вратат тој долг од скоро 5 милиони евра со цел да дојдат до општинска обврзница преку која ќе можат да финансираат капитални проекти, но и покрај позитивното мислење од Министерството за финансии и Комисијата за хартии од вредност владата повторно се одлучи да опструира иако одлуката која што треба да ја донесе е од технички карактер.
„За да стигнеме до општинска обврзница, односно финансии со коишто ќе ги реализираме капиталните инвестиции моравме да го вратиме тој долг на месечно ниво којшто изнесува некаде од 4 ипол до 5 милиони евра. Се нафативме затоа што немавме друг избор да ги враќаме овие средства на месечно ниво. Добивме позитивно мислење од Министерство за финансии, добивме одлука од Комисијата за хартии од вредност и кога стигнавме на Влада, она кое што е само техничка одлука да потврди Владата на Република Македонија дека општина Штип постои во Република Македонија, затоа што од таква природа е одлуката која што тие треба да ја донесат. На пример ако некој правен субјект или правно лице за да учествува на некој повик или тендер, бара од УЈП потврда дека постои тоа правно лице или тој правен субјект, ние како општина бараме потврда од Владата на Република Македонија дека постоиме и дека општина Штип е општина која што има жители коишто бараат развој на општината, но две години чекаме одлука од владата дека постоиме како општина и две години граѓаните на Штип не добиваат булевар, обиколница и други содржини коишто се предвидува практично да се финансираат од општинската обврзница“, потенцираше Јорданов.
Јораданов исто така, објаснувајќи ги предностите на општинската обврзница, истакна дека на општина Штип ѝ беше ускратено ова право од страна на власта.
„Предноста е тоа што тие капитални инвестиции ќе создадат вредност од која што вредност ќе се врати општинската обврзница. Дополнително што живееме во време на инфлација која што е поголема од каматната стапка која што е фиксна на обврзницата. Овие предности се нешто коешто можевме да го искористиме како општина за да создадеме вредност во време на криза. Ни беше ускратено основното право за развој, правото за развој на општина Штип“, нагласи Јорданов и додаде:
„Сите ние знаевме со кого си имаме работа кога станавме градоначалници и знаевме дека поголем дел од нашето време ќе го трошиме за справување со притисоците, со опструкциите со инспекциите од страна на централната власт, но тоа не прави посилни и во време на криза и во време на опструкции и во време кога ни е намален буџетот по основ на блок дотации секојдневно да реализираме проекти“.