Сценска облека, гитара, накит, бележник и други предмети што му припаѓале на музичко-модната мегаѕвезда Принс, се продадени на аукција за вкупно 675.000 долари, објави вчера аукциската куќа „Р.Р. окшн“.

Интернет-наддавање траело од 25 октомври до 16 ноември. Меѓу 164-те предмети во сопственост на францускиот бизнисмен Бертран Брилоа - човек кој 20 години бил во најтесниот круг соработници на Роџерс Нелсон, попознат како Принс, има и бела стилизирана кошула што достигнала цена од над 33.000 долари.

Брилоа, роден во Париз, Франција, како колекционер, со години собирал и купувал предмети што му припаѓале на Принц. Потпретседателот на компанијата, Роберт Ливингстон смета дека „неверојатно внимание ѝ се посветило на колекцијата“ што му припаѓала на американскиот пејач и уметник кој, инаку, почина 2016 година.

Кошулата е продадена за 33.219 долари, а пар сини чизми со високи потпетици за на сцена - беа купени за 24.079 долари. А, пак, гитара од марката „Блу шектер клауд“, е продадена за 64.514 долари.

Аукциските куќи од цел свет нудат музички инструменти, лични предмети и облека на поп-ѕвездите, што е извор на голема заработка. Компанијата „Џулиенс окшн“ на пр. минатата недела во Нешвил, Тенеси, САД, продаде гитара на починатиот Курт Кобејн за повеќе од 1,5 милиони долари, и една што му припаѓала на Ерик Клептон - за речиси 1,3 милиони.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/11/2023 06:59