Во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, на 9-ти декември концерт ќе одржи бендот „Бајага и инструктори“. Концертот е организиран од Авалон Продукција, по повод 30 години од постоење на оваа продукциска куќа.

Српскиот музичар Момчило Бајагиќ - Бајага на денешната прес-конференција во Скопје, по повод најавениот концерт, посочи оти му е особено драго што ќе имаат настап во „Јане Сандански“, каде што до сега немале настап, иако, како што рече, настапувале на речиси сите места во Скопје.

Тој информираше дека следната година бендот ќе одбележува 40 години постоење. По тој повод, за следната година најави повеќе концерти во целиот регион.

-Ние следната година одбележуваме 40 години постоење на нашиот бенд, поточно на крајот на месец април. Тоа значи дека почнувајќи од април целата година ќе ни биде славеничка година. Ќе одржиме повеќе концерти во целиот регион, а еден од нив е и концертот на Белградскиот хиподром, место на кое што до сега не сум настапувал, рече Бајага.

Тој додаде дека во тек се подготовките за концертот во Скопје. Како што рече, ова ќе е нивниот прв концерт во декември, а потоа им следува настап во Љубљана. За Нова Година ќе настапат во Тузла.

Концерт на „Бајага и инструктори“ во Скопје на 9 декември

-Јас се надевам дека следната година во февруари или во март ќе имаме нов албум. Но, ова не е нешто што можам да го ветам. Ако не објавиме албум, тогаш најверојатно ќе има нови песни. Мене концертите ме полнат со енергија. Најчесто по завршување на концертот не можам да спијам неколку часа. Концептите на концертите сега се многу поинакви во споредба со настапите што ги имавме во Југославија. Ние со бендот почнавме во 1984 година и во тој период имавме долги настапи низ цела Југославија. Сега имаме пократки концерти, не организираме долги турнеи. Но и сега се обидуваме да стигнеме секаде, потенцираше Бајага.

Прашан на што се должи нивната популарност и во денешно време после толку години, дали на континуираното работење или пак на квалитетот на песните кои и младите умеат да ги препознаат, Бајага одговори дека и едното и другото е точно.

-Секако од големо значење е и континутетот што успеавме да го одржиме. Јас почнав да се занимавам со музиката во времето кога постоеја плочи, па потоа касети кои во меѓувреме исчезнаа и излегоа ЦД. Тогаш немаше интернет. Понекогаш ми е необично како се снаоѓавме во време кога не постоеја ниту телефони ниту интернет, сега се е поинаку. Не сум баш пресреќен кога публиката го слика или снима целиот концерт, не затоа што ми смета, туку сигурен сум дека тоа нема никогаш да го гледаат и нема да можат да го доловат доживувањето на концертот. Јас лично не користам социјални мрежи, рече Бајага.

Сопственикот на Авалон Продукција, Бобан Милошески на прес-конференцијата денеска рече дека смета оти е сосема логично токму со „Бајага и инструктори“ да се одбележат 30 години на продукцијата.

-Ми беше нелогично без „Бајага и инструктори“ да се одбележат овие 30 години. Практично концертот на Бајага во „Јане Сандански“ е како створен за тоа. За мене поголема радост е концерт на „Бајага и инструктори“ во „Јане Сандански“ отколку да дојдеше „Колд плеј“ во Скопје, затоа што го гледам ова од емотивна точка. Оваа работа е невозможно да се работи без емоции. Всушност јас сум и еден од оние 150 до 200 луѓе кои го гледаа првиот концерт на Бајага во МКЦ во Скопје, рече Милошески.

Тој додаде оти е изненаден од големиот интерес за претстојниот коцнерт и посочи оти е сигурен дека три или четири дена пред концертот, билетите ќе бидат распродадени



Автор: Администратор
Објавено на: 22/11/2023 07:01