„Накратко сакам само да ги дообјаснам некој работи на колегата Џамбаски. Вчера очигледно не сте ме разбрале и тоа е доказ дека говориме на различен јазик и уште еднаш ќе ја дообјаснам поентата кога објаснував за состојбата со македонските клубови кои ги нема во Бугарија и бугарските клубови кои ги има во голем број во Македонија. Поентата беше голема, преку тие бројки и статистики што јас ги кажав всушност покажува колку во Бугарија нема демократија, а колку во Македонија има демократија и кога се жалевте дека е запален Бугарски клуб во Македонија ве молам да бидете до крај искрени, бидејќи има причина за тоа“, истакна пратеничката и претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ Жаклина Пешевска на седницата на мешовитиот парламентарен комитет во Европскиот парламент.
Пешевска додаде за тоа дека кога цел свет има расчистено со фашистичкото минато и го осуди фашизмот Бугарија се дрзна во поново време да отвори клубови со имиња на фашисти, блиски соработници на Хитлер. Борис Трети, Цар Фердинанд итн.
„Мислам дека покажавте како држава со тоа што нема ниту еден македонски клуб колку сте демократски во однос на оваа тема. Да говорите за говор на омраза кон жени нешто за што јас како претседателка на Унијата на жени во нашата партија многу пати сум осудувала или сум застанувала во одбрана дури и на жени од опонент партија, а да го применуваш е навистина контрадикторно, навистина треба добро да си ги прегледате снимките кога зборувате овдека и се обраќате“, вели Пешевска.
Пешевска на Џамбаски му посочи дека таа има пријатели од Бугарија кои не се однесуваат вака, напротив се однесуваат многу по европски од него и по пријателски.
За жал, вие сте срам не само за Бугарија, туку и лош пример за Европратеник, му порача таа на Џамбаски.
„Во излагањето на колегата Џамбаски имаше една констатација дека секоја земја кандидат мора да го почитува правото на самоопределување. Јас би дополнила дека секоја членка на ЕУ треба да го почитува правото на самоопределување. За жал во 21-от век во Бугарскиот парламент имате партија која носи име „Има таков народ“, таа партија сериозно работи на проектот нема таков народ, а се однесува на Македонците во Македонија. Според тој проект не постојат македонски народ, македонска нација, македонски јазик, посебно македонска историја и јас не би сакала како политичари оваа сесија да помине во историски лекции, мислам дека тоа и те како треба да е научена лекција дека треба да оставиме на историчарите“, посочи Пешевска.
Пешевска се осврна и за демократијата низ бројки и статистики.
„Во Македонија има отворено над 20 бугарски клубови, тоа значи дека Бугарите во Македонија имаат право на самоопределување и здружување нешто што го немаат Македонците во Бугарија, во Благоевград се отвори еден македонски клуб за личност што беше од двете страни општо прифатена за да следниот ден со одлука на Советот на Благоевград се укине и се затвори. Тоа говори за демократијата во двете држави“, изјави Пешевска.
Пешевска исто така запраша за тоа кога Бугарија како држава била поискрена кога влегувала во ЕУ и кога велела дека нема отворени билатерални прашања со ниту еден сосед или сега кога кажува дека има проблем со нивниот сосед?
„За говорот на омраза во двете држави исто се говори преку статистики и релевантни извештаи. За илустрација до комисијата за борба против дискриминација, заклучно со 11.3.2021 година поднесени се вкупно 34 поплаки за дискриминација и тоа 7 од физички лица Македонци со бугарска самосвест. 26 од само едно исто здружение во 25 од случаевите, замислете комисијата констатирала единствено говор на омраза против Бугарите на социјалните мрежи што укажува за обид за фингирање на наводен дискриминаторски однос кој не е однос на релевантните институции. Ниту од Владата ниту од Собрание, ниту на официјални државни институции нема говор на омраза што не е случај со Бугарија, од најголемиот авторитет во Бугарија од претседател на држава до парламент, Влада, пратеници, носење резолуции против македонскиот јазик итн имаше говор на омраза. Значи правото на здружување на Бугарите во Македонија е загарантирано и веќе го имаат. Почитувањето на Копенхашките критериуми јас ќе се повикам и на почитување на одлуките од Судот за човекови права во Стразбур и ве повикувам да ги почитувате и спроведете пресудите за македонското малцинство во Бугарија“, заклучи Пешевска