„Јас пред два дена го имав и отчетот во Кисела Вода, каде што потенцирав дека започнавме финално како општина со потегот кој што значи обезбедување со подземна инфраструктура на последното населено место. Тоа место повеќе од 40-тина години беше во супстандардни услови односно основни услови хумани за живот немаа моите сограѓани таму, станува збор за Стаклара или Каменик каде што започнавме со изведба на фекална канализација која што заедно со водоводната мрежа ќе биде потег од 9,2 километри. Тоа е нешто што државата за 6-7 години колку се на власт не успеаја да обезбедат за било кое населено место“, истакна Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на општина Кисела Вода на денешната дебата насловена „Локален економски развој“ која е дел од настанот насловен „Важно е! Платформа за иднина“ во рамки на кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените“.

Ѓорѓиевски додаде дека е горд што во неговата општина сите населени места веќе ќе ги имаат основните хумани услови за живот.

„Во рамки на акцијата за реконструкција и за рехабилитација на нашите улици сакам да истакнам бројка на поплочени павер елементи или асфалтирани улици во должина од над 44 километри за само две години на територија на општина Кисела Вода. Ние имаме реализација на над 90% од програмата или тоа се над 600-тини проекти реализирани за само две години“, нагласи градоначалникот на општина Кисела Вода.

Тој посочи дека кога станува збор за урбанистичкиот план за Расадник, долги години беше една од најжешките теми во Скопје, особено за уредувањето на тој простор.

„Во минатото јас како координатор на советничката група заедно со сите советници и со помош на граѓаните спречивме таму изградба на 99 згради, ДУП кој што беше во финална фаза. И ние се одлучивме како тим да целосно оваа постапка ја препуштиме на експертската јавност, на невладиниот сектор и на граѓаните. И тоа одејќи со меѓународен конкурс за избор на идејно решение. Во жири комисијата имавме и меѓународни претставници односно имаше претставници од Факултетот во Италија, од Болоња. Такво нешто се нема случено на територија на Македонија од после земјотресот“, заклучи тој.

Ѓорѓиевски рече дека во целиот процес во врска со Расадник тој бил целосно изземен и конечно се стави крај на тоа што значеше дивеење на урбаната мафија.

„Веќе сме на двоцифрен број на чекање на листите за дечиња да бидат упишани во градинка. За само две години отворивме две нови градинки на територија на општина Кисела Вода, и уште 6 проширувања направивме на постоечки градинки“, заклучи тој.

Градоначалникот на општина Кисела Вода нагласи дека граѓаните заслужуваат подобри услови за живеење.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/11/2023 19:26