Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во рамки на партиската теренска активност „Важно е! Од тебе зависат промените“ денеска беше во посета на Македонски Брод. Заедно со градоначалникот, Жарко Ристески посетија имаа повеќе места за да увидат неколку проекти коишто изминатиот период општината ги има изработено и завршено.
Во општинска зграда е спроведен проектот за енергетска ефикасност на просториите, се прави партерно уредување на Калето, санација на канал за зафаќање и одведување на атмосферски води, додека кај мостот на река Треска и почеток на улица „Партизанска“ се реализира проект за изградба на тротоарите со потпорни ѕидови.
Мицкоски посочи дека веќе размислува како идната Влада на ВМРО ДПМНЕ да ги помага општините.
- Разговараме и за плановите во иднина. Планови кои се поврзани со работата на новата влада на ВМРО-ДПМНЕ и да видиме кои проекти ќе бидат опфатени од клучниот капитален проект којшто владата на ВМРО-ДПМНЕ има намера да го реализира на цела Македонија, а тоа се децентрализација на средства од државниот буџет кон општините. Зборуваме за 250 милиони евра годишно, или зборуваме за проекти во вредност од 4 милиони евра кои ќе бидат реализирани во еден мандат овде во општина Македонски Брод, истакна Мицкоски.
Претседателот на ВМРО ДПМНЕ рече дека во Македонски Брод има голема поддршка на работата на градоначалникот, што го смета како мотив како идна Влада да работат повеќе. Според Мицкоски истата таа доверба сакаат да ја заслужат на следните претседателски и парламентарни избори, кога очекува голема победа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, и голема победа на кандидатот кој ќе биде предложен за претседател.
- Така што денес продолжуваме понатаму во Македонски Брод, заедно со Бисера, со Жарко и се надевам дека ќе покажеме дека не се сите исти, дека има разлика. И додека овие коишто уште малку време ќе бидат во владата на СДСМ и ДУИ, денот го поминуваат мислејќи како повеќе да крадат, и оние коишто се дел од ВМРО-ДПМНЕ градоначалниците од редот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, администрацијата и советниците коишто денот го поминуваат размислуваат како да изработат проект повеќе за потребите на граѓаните, рече Мицкоски.
Дел од агендата на Мицкоски и Ристески е посета на основното училиште и детската градинка на која во 2024 година ќе се постават фотоволтаици, увид во активностите за реконструкција на дел од градските улици „Мирче Ацев“, „Јане Сандански“ и „Поречка“.
Мицкоски ќе го пушти во употреба спортското игралиште за баскет „Јане Сандански“, проект финансирано со сопствени средства во висина од 4.000.000 денари, а ќе се посети и ООУ „Св. Климент Охридски“ каде ќе изврши увиди во Сензорна соба. За попладне во 17:00 часот претседателот Мицкоски ќе се обрати пред присутните граѓани во Домот на култура.