Граѓаните на следните избори ќе можат да ја направат разликата и да изберат за која политичка партија ќе го дадат својот глас и таа политичка партија ќе ги води. Ние нашата програма ја даваме пред избори и граѓаните гласаат за таа програма и потоа таа програма ја реализираме. ВМРО-ДПМНЕ е познато по тоа што кога ќе се вети нешто, кога ќе се стави во изборна програма, тоа се реализира и си има отчет кон граѓаните дека она што се ветило и се реализирало, вели Стефан Андоновски, секретар за меѓународна соработка на ВМРО-ДПМНЕ во своето гостување на ТВ21.
Во однос на прашањето со Бугари, Андоновски вели дека тоа е проблемот кој што нам ни го наметна однесувањето на оваа влада и бугарските политичари, но ВМРО-ДПМНЕ ќе понуди решение во програмата, како што ќе понудиме решенија и за корупција, и за владеење на право, за економијата и за многу други области, додавајќи, за сите тие работи кои што ќе ги понудиме на граѓаните, ќе излеземе на избори со нив, граѓаните треба да не држат за збор за тие работи, затоа што ние потоа ќе ги реализираме.
Андоновски зборуваше за лидерската средба која што е закажана за во понеделник на пладне, при што додаде дека е жално што во Македонија комуникацијата меѓу политичките партии се одвива преку медиумите, посочувајќи дека многу подобро би било за вакви прашања да не се возбудува јавноста беспотребно, туку треба да се седне и на мирен, достоинствен начин да се разговара како во една развиена демократија и темите на кои ќе се разговара и за што ќе се договараат кога треба да бидат изборите, какви треба да бидат условите, како и за применувањето на препораките на ОБСЕ и ОДИХР.
„Други две малку поважни прашања за кои ќе се разговара на лидерската средба се, едното позицијата во Државната изборна комисија (ДИК) на кое би требало да седне преставник на опозицијата од страна на Албанците. Во моментов имаме еден вид блокада во Собранието, не се закажува седница на Комисијата за избори и именувања каде што треба да помине овој кандидат. И вториот аспект е нашето барање за укинување на техничката влада“, вели Андоновски додавајќи дека, подолго време се зборува за укинување на техничката влада затоа што се покажа за неефикасна и која не влева доверба кај граѓаните.
Во врска со претседателските избори и изборот на кандидат за претседател, Андоновски посочи дека ВМРО-ДПМНЕ сама избира кандидат на конвенција, на која делегатите ќе изберат кандидат од сите пријавени кандидати кои ќе пројават интерес на таа конвенција и на тој начин, ВМРО-ДПМНЕ застанува целосно и со права и со обврските позади тој кандидат.
„Потенцијалните кандидати за претседател кои што ги разгледуваме се навистина квалитетни, над 60% од нив се универзитетски професори, експерти од својата област, партиски членови, пријатели на партијата, поддржувачи на партијата, партиски функционери. Еве една информација од анкетите дека секој од потенцијалните кандидатите од ВМРО-ДПМНЕ кои што ги разгледуваме, би го победил било кој од тројцата потенцијални кандидати на СДСМ за кои што слушаме“, рече Андоновски.