Велешанецот Панче му должел на Љупчо Палевски Палчо 500 евра и тоа било мотивот да биде убиен а подоцна да му биде одземен автомобилот со кој е киднапирана Вања. Ова го истакна јавниот обвинител Гаврил Бубевски на денешната прес - конференција во врска со деталите за трагедијата која ја потресе Македонија.
Потоа, со одземениот Цитроен од веќе убиениот Панче, според изјавите на Бубевски и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, првоосомничениот кој е во бегство, а за кој јавноста знае дека станува збор за Љупчо Палевски - Палчо, прво била киднапирана Вања, односно добиле информација од таткото кога таа оди на училиште, ја чекале пред нејзината зграда, па во влезот ја грабнале, ја врзале за рацете и нозете и во вреќа за спиење ја ставиле во багажник, со цел да изнудат пари од нејзината мајка која продала стан, и се упатиле во Скопското село Бразда. Таму, неколку часа по киднапирањето, како што кажаа надлежните, под притисок на јавноста, се решиле да ја убијат а подоцна да бараат пари за нејзин откуп.
Согласно нивните изјави и одговори на новинарски прашања, многу прашања останаа нејасни и се отворија низа на дилеми. Нејасно е зошто е убиена Вања ако монструмите сакале само да изнудат пари, но и нејасно е зошто би убиле човек за 500 евра за да му ја одземат колата, ако се знае дека кола со лажни таблички е достапна на секој просечен „мафијаш“ во Македонија, особено во последните неколку години. Голем дел и од мафијашките убиства кои останаа нерасчитени се извршени со автомобили со лажни таблички, а за кои, Спасовски се „пофали“ дека МВР не располага со доволно докази за нивно разрешување. Нејасно е како Палчо успеал да избега од Македонија и нема одговор на прашањето дали има и бугарски пасош, па поради тоа неговата дестинација, покрај Белград била и Софија.