На заедничкиот самит следната недела, Европската унија јасно ќе побара од земјите од Западен Балкан целосно да ја почитуваат политиката на санкции против Русија.

Во нацрт-декларацијата што треба да се усвои на крајот на самитот се наведува дека усогласувањето со политиките на ЕУ е јасен знак за стратешката ориентација на партнерите, сега повеќе од кога било.

Шефовите на држави и влади на земјите членки на ЕУ на 13 декември ќе се сретнат со своите колеги од шест земји од регионот на редовниот годишен самит ЕУ-Западен Балкан.

-Заедничката визија за иднината вклучува заеднички вредности и заедничка одговорност. Додека ја продлабочуваме соработката со партнерите, ги повикуваме да постигнат брз и одржлив напредок кон целосно усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, вклучително и рестриктивните мерки на ЕУ и да дејствуваат соодветно, се вели во нацрт-декларацијата во која Радио Слободна Европа (РСЕ) имале увид.

Текстот ќе ги пофали партнерите од Западен Балкан кои веќе ја покажуваат својата стратешка определба со целосно усогласување со надворешната и безбедносната политика на ЕУ и ќе ги охрабри „оние кои се уште не го сториле тоа“ да го следат нивниот пример.

-Охрабруваме и подобрување на спроведувањето на рестриктивните мерки и спречување на нивно заобиколување, велат лидерите на ЕУ во завршната декларација.

Со тој документ треба да се согласат и учесниците на самитот од регионот.

Посебен дел во завршната декларација се однесува на процесот на нормализација на односите меѓу Србија и Косово. Како што е наведено во нацртот, се нагласува дека ЕУ очекува од Приштина и Белград да се ангажираат конструктивно за да се постигне брз напредок во нормализацијата на односите. Забележано е дека тоа е од клучно значење за безбедноста и стабилноста на целиот регион и да се осигура дека двете страни можат да напредуваат на европскиот пат.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/12/2023 05:25