Фондацијата Шоа, основана од американскиот режисер Стивен Спилберг, објави дека започнува проект за документирање на злосторствата извршени од Хамас на 7 октомври во јужен Израел како додаток на сведоштвата за холокаустот, а досега се собрани изјави на 130 лица кои го преживеале нападот на оваа палестинска милитантна група.
Спилберг не бил директно вклучен во собирањето податоци, но обезбедил силна поддршка, јави „Тајмс оф Израел“.
Спилберг изјави дека никогаш не верувал дека во својот живот ќе види „толкаво неискажливо варварство кон Евреите“.
Спилберг за Фокс њуз изјави дека е шокиран од насилството извршено од Хамас врз Израелците, како и од бранот антисемитизам низ светот во последните два месеца.
Фондацијата Шоа ја има најголемата колекција на видео-снимки во светот на сведоштва на Евреи кои го преживеале Холокаустот и други сведоци.
Американската фондација во моментов работи со тимови во Израел за собирање извештаи на очевидци за масакрот на Хамас на 7 октомври, кога околу 3.000 терористи влегоа во Израел од Појасот Газа и убија околу 1.200 Израелци, главно цивили, и зедоа повеќе од 240 заложници.
Во напис, објавен на почетокот на ноември, во кој се објавува збирката на документи, фондацијата го цитираше сведочењето на Шаила Атари Винер, која побегна од својот дом во кибуцот Кфар Аза со своето едномесечно бебе рано утрото на 7 октомври. Нејзиниот сопруг Јахав Винер бил убиен од припадници на Хамас додека им помагал на сопругата и бебето да избегаат.
Спилберг, кој ја основа фондацијата во 1994 година, верува дека организацијата ќе обезбеди „гласовите на преживеаните да дејствуваат како моќна алатка за да се спротивстави на опасниот раст на антисемитизмот и омразата“.