Општина Центар во соработка со „Рамстор“ почна со одржување низа хуманитарни настани со цел да му се помогне на младиот Леонид Игнов да продолжи со лекувањето. Тој пред неколку месеци, доживеа несреќа додека беше на летување во Грција. Тоа резултираше со тешки повреди на неговиот ’рбет и не може да ги движи рацете и нозете.
Првата хуманитарна ликовна изложба што ја подготвија талентираните и креативни основци од општина Центар се одржа вчера во трговскиот центар „Рамстор“, а на настанот настапија и „Златните славејчиња“.
Градоначалникот Горан Герасимовски им се заблагодари на учениците, нивните родители и наставници што се одзваа во толку голем број за да помогнат и да ја покажат својата хуманост и солидарност на дело.
- Хуманоста вечерва сите не сплоти на едно место. Со помош на овие млади уметници и прекрасните гласови на Златните славејчиња, но и со поддршка на нашите пријатели Рамстор, се собравме за да донираме за младиот Лео на кој му е потребна нашата помош за да продолжи со својот живот. Упатувам апел до сите наши сограѓани да ни се приклучат и да подадат рака, изјави Герасимовски.
Средствата што беа собрани од продажбата на ликовните творби на учениците, ќе се донираат за медицинскиот третман на Лео.
Општина Центар во наредните недели, на 20, 27, и 29 декември, на вториот кат во „Рамстор“, ќе организира уште три хуманитарни настани за помош на младиот Леонид на кои ќе учествуваат младите центарци.