Македонскиот кошаркарски првак МЗТ Скопје Аеродром ја совлада вечерва црногорска Подгорица со 78-74 (39-29) во рамки на шестото коло во регионалната АБА 2 лига.

Кошаркарите на МЗТ Скопје имаа висока предност од 14 поени (52-38) на средина од третата четвртина, по што уследи криза во играта на македонскиот шампион, а Подгорица во завршните минути од натпреварот во Широки Брег дојде и до израмнување на резултатот (68-68).

Сепак, МЗТ Скопје не му дозволи на црногорскиот противник целосен резултатски пресврт и предводен од Војдан Стојановски (24 поени) и Душан Танасковиќ (20 поени) ја забележа четвртата победа со која во моментов е петтопласиран на табелата.

Настапот во рамки на третиот „балон“ во АБА 2 лигата кој се игра во Широки Брег кошаркарите на МЗТ Скопје ќе го заокружат в петок против Суботица со почеток во 18 часот.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/12/2023 03:47