Финансиската полиција од следната недела ќе отвори предмет за украсувањето на главниот град за кое градоначалничката Данела Арсовска тврди дека чини само 30.000 евра, пренесува Телевизија Сител.
Таа јавно кажа дека украсувањето чини 30.000 денари, сума, која според неа е далеку пониска од претходните години, но на веб страницата на Јавни набавки тендерот сè уште не е објавен.
Од Јавното обвинителство, пак, велат дека доколку Финансиска самата не оформи предмет, тие ќе наредат да се извршат сите проверки.
- Со оглед на изнесените наводи во конкретниот случај, Управата за финансиска полиција како орган надлежен за откривање на евентуални кривични дела и контрола на финансиските текови има надлежност да ги испита сите околности и да достави соодветно известување или пријава. Доколку Финансиската полиција не постапи, обвинителството ќе оформи предмет и ќе нареди да се извршат сите проверки, велат од Јавното обвинителство.
Арсовска не одговара на новинарски прашања, но откако се вклучија институциите реагираше експресно.
- Украсувањето на градскиот плоштад, главните сообраќајници и новогодишниот базар се финансирани преку јавен повик, кој беше објавен согласно актите и прописите како и сите останати јавни повици. Ова неколкупати досега е кажано, образложено во детали и транспарентно презентирано на јавноста. Оттука, секоја друга останата „вест“ е обид за манипулација, сензационализам и шпекулации, велат од Град Скопје.
Критиките за украсувањето на Скопје не престануваат. Сега поранешниот градоначалник Петре Шилегов бара и оставка од неговата наследничка.
- Доблесно е да си признаете дека сте тотално неспособна и некадарна да го водите градот. А едноставно, Градот, Ви се случи. Непланирано. Во мај секако имаме избори во Македонија. Нека се избори и во Скопје. Заради малку достоинство што секој од нас треба да го има. И заради Градот (не толку убав во задње време) во кој што сите живееме, вели Шилегов.
Скопјани сè уште чекаат градската администрација да објави дали на Плоштадот Македонија ќе има јавен дочек на Новата година. Арсовска не кажува ниту дали ќе има, ниту кои артисти би настапувале.
Во меѓувреме, првата од двете елки на Плоштадот Македонија повторно е мета на потсмев, овој пат на хрватските медиуми. И додека Скопје стана главна забава за медиумите во регионот, пред фамозната елка се случи првото запросување.