Американската пејачка и глумица Шер поднесе барање за правно старателство над нејзиниот син Илајџа Блу Алман поради неговите наводни неодамнешни проблеми со злоупотреба на недозволени супстанции.
Според документите поднесени во Врховниот суд во Лос Анџелес, Шер бара да биде единствениот заштитник на имотот на Илајџа (47), тврдејќи дека тој „суштински не може да управува со своите финансиски средства“. Во документот се наведува и дека иако Илајџа треба да добие средства пред крајот на годината, „итно му е потребен правен старател“ кој ќе го заштити имотот на Илајџа од загуби или штети, бидејќи тој „во мигов не може да управува со својот имот поради сериозни проблеми со менталното здравје и злоупотребата на супстанции“. Во документот, исто така, се наведува дека неговата отуѓена сопруга Маријангела Кинг не е соодветна да биде негова правна старателка бидејќи „нивната бурна врска е обележана со зависност од дрога и ментални здравствени кризи“.
Кинг исто така побара правно старателство над Алман.
Поднесокот на Шер завршува со наводи дека поп-ѕвездата „работела неуморно за да го насочи Илајџа на лекувањето“ за тој да ја добие потребната помош.
Првото рочиште за случајов е закажано за 5 јануари 2024 година, а рочиштето за траен налог е закажано за 6 март.
Шер во октомври првпат проговори за проблемите на Илајџа, во интервју за „Пипл“. Претходно се појавија наводи дека таа најмила четворица мажи за насилно да го отстранат нејзиниот син од хотелска соба во Њујорк во ноември 2022 година.