Шпанскиот 33-годишен кошаркар Рики Рубио, кој во август лани објави дека привремено ја прекинува кариерата поради психички проблеми, обелодени синоќа преку социјалните мрежи дека става крај на своите настапи во НБА лигата, во која мина полни 12 сезони.

До моментот на објавата Рубио беше играч под договор со Кливленд, а во текот на својата НБА кариера настапуваше и за Минесота, Јута и Феникс.

Препознатлив по својата брзина и игра во одбраната, Рубио во НБА лигата имаше ефект од 10.8 поени и 7.4 асистенции по натпревар.

Рубио беше неизоставен дел од шпанската репрезентација со која во 2019 година ја освои титулата на Светското првенство и беше прогласен за најдобар играч на турнирот.

Во својата колекција има и две златни одличја (2009 и 2011), како и две бронзи (2013 и 2017) од европските првенства, како и сребро (Пекинг 2008) и бронза (Рио де Женеиро 2016) од олимписките игри.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/01/2024 20:27