Поранешниот јужноафрикански параолимпиец Оскар Писториус е пуштен денеска на условна слобода, откако мина во затвор речиси девет години поради убиство на својата девојка Рив Стенкамп.
Во штурото соопштение од две реченици, јужноафриканските власти не објавија повеќе детали, а Писториус е пуштен од затворот во Преторија во раните утрински часови и сега се наоѓа во неговиот дом.
Писториус мина речиси девет години во затвор за убиството на Стенкамп за кое беше осуден на 13 години и пет месеци затвор.
Во ноември лани му беше одобрена условна слобода, бидејќи според јужноафриканскиот закон отслужи најмалку половина од затворската казна.
Писториус не смее да разговара со медиумите, како еден од условите за неговата условна слобода, кои ќе останат на сила сè додека не му истече казната во ноември 2029 година.
Писториус е поранешен шесткратен параолимписки првак со ампутирани долни екстремитети од детството, а влезе во спортската историја на Олимписките игри 2012 во Лондон кога настапи во трката на 400 метри во конкуренција на спортисти без инвалидитет.
Рив Стенкамп, која имаше 29 година кога беше усмртена, беше дипломиран правник и успешен модел. Убиена беше кога Писториус преку вратата од бањата испука четири куршуми во својот дом во Преторија во раните утрински часови на 14 февруари 2013 година.
Писториус на судењето рече дека мислел оти пука во крадец кој упаднал во неговиот дом.