НБА лигашот Мајами го продолжи договорот со својот тренер Ерик Сполстра за уште осум години, јавија денеска американските медиуми.
Според истите извори, Сполстра за продолжување на верноста кон клубот ќе инкасира 120 милиони долари.
Сполстра е 16 сезона главен тренер на Мајами, а во клубот е вкупно 29 години. Почна како видео аналитичар, потоа како скаут и помошен тренер, а легендарниот Пет Рајли при своето заминување го избра за нов тренер во април 2008 година.
Сполстра зад себе има три шампионски прстени во НБА лигата од кои два како главен тренер, во 2012 и 2013 година.
Долгогодишниот стратег на Мајами е меѓу активните тренери со најдолг стаж во НБА лигата, зад Грег Попович кому ова му е 28 сезона на клупата на Сан Антонио.